Синот кој ја малтретирал бил полицаец, па во станица не ѝ ја примиле поплаката дека е напаѓана: Кој (не) може да пријави семејно насилство? – ММС
ММС

Објавено на: 07/13/22 2:21 PM

Синот кој ја малтретирал бил полицаец, па во станица не ѝ ја примиле поплаката дека е напаѓана: Кој (не) може да пријави семејно насилство?

Непрофесионалност, контрадикторност и невоедначеност има во постапувањето на дел од центрите за социјална работа кога станува збор за семејното и родово-базираното насилство – констатира Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Од невладината реагираат дека некои од центрите за социјална работа не постапуваат во случаи кога станува збор за насилство извршено од поранешен партнер, но се бележи и непостапување на јавното обвинителство по кривична пријава за сторено родово базирано насилство (со образложение дека не се работи за дело што се гони по службена должност) и непостапување на МВР по добиени пријави за семејно насилство. Ваквите заклучоци се дел од документот за јавни политики ,,Кој (не) може да пријави насилство“, кој Хелсиншки го промовираше во рамките на проектот ,,Превенција, поддршка и застапување за родово базирано насилство”.

Документот впрочем дава одговор на прашањето како непостапувањето на надлежните институции влијае врз пријавувањето на насилството, притоа анализирајќи го проблемот преку неколку аспекти: користење на можноста за пријавување од трето лице, вклучително и анонимно пријавување; последиците од непостапувањето на надлежните институции откако ќе добијат пријава за насилство и пријавување од страна на надлежни институции по добиено сознание. Документот дава неколку можни решенија за зголемување на стапката на пријавување насилство преку конкретни насоки и препораки до надлежните институции за креирање мерки и политики за надминување на постоечките бариери.

Координаторката на проектот, Бојана Јовановска од Хелсиншкиот комитет, во своето воведно излагање посочи дека само во текот на проектниот период од една година, Хелсиншкиот комитет овозможил бесплатна правна помош за 33 случаи на родово базирано насилство (26- семејно насилство, 2- сексуално насилство, 3 – силување и 2 – сексуално вознемирување).

Во рамките на овој проект, одржани се седум обуки за основните концепти на Истанбулската конвенција и спроведување на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, наменети за полициски службеници од сите сектори за внатрешни работи во државата, освен Скопје.

Адвокатката Марта Гусар, која беше ангажирана како обучувачка,  истакна: ,,Македонија не е Скопје. Низ државата не знаат за постоењето на законот, а камоли за примена, што е поразително. Кај полицијата, премногу застапен е хиерархискиот елемент при постапување – доколку немаат насоки ,,од горе’’, тие ги враќаат и осудуваат жртвите, а потоа тие се враќаат кај сторителот’’.

Гусар посочи дека голем проблем е несоработката на МВР и центрите за социјална работа. Како позитивен пример се издвојуваат Штип и Македонски Брод, каде соработката е беспрекорна, а постапувањето е брзо и ажурно. Таа сподели впечаток дека единствено се признава Кривичниот законик, но дека кај полициските службеници нема познавања за обврските и одговорностите за да се спроведе Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство.

,,Кога има висок степен на ризик за жртвата или кога се инволвирани малолетни деца, не може да се чека до крајниот рок затоа што е неопходна брзина во постапувањето…Имаме елан, носиме закони, а кога ќе дојде на ред имплементација, сѐ ни паѓа во вода’’, заклучи Гусар.

Жртвата го негирала насилство, пријавителот добил парична казна

Ана Аврамовска Нушкова од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство посочи пример со пријавување насилство од страна на трето лице, кој директно го обесхрабрува ваквото пријавување. По пријава на сосед, полицијата пристигнала после еден час, иако станицата е на растојание од десетина метри. Жртвата во присуство на насилникот негирала дека имало насилство. Пријавителот, кој не останал анонимен, бил гонет за лажно пријавување и парично казнет. Според неа, ова се коси со принципот на постапување со должно внимание, кој е предвиден со Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство.

Даниела Панева од Организација на жени од Свети Николе истакна дека во помалите места, каде што сите се познаваат, поинаку се функционира. Жртвите се запознаени кому и каде можат да се обратат. И покрај добрата координација со надлежните институции, таа посочи дека има негативни примери од нивното постапување со жртвите – како во случај кога се инсистира самата жртва да пријави, иако имало потреба од итно постапување.  Според Панева, најмалку обучени лица, кои не ги познаваат протоколите има во здравствените установи.

Во однос на рехабилитација на жртвите, Панева смета дека жртвите на семејно насилство, кои нема каде да живеат, треба да бидат земени превид за користење на социјални станови.

Адвокатката Јована Малезанска смета дека нема познавање во МВР и обвинителството за тоа кое дело е лажно пријавување.

,,Лажно пријавување е доколку е со намера некому да се наштети.  Должното внимание, кое е предвидено со закон, значи дека пријавата треба да се истражи до крај, без разлика што ќе каже жртвата и сторителот…Законот дава опција во случај на сомневање дека во моментот се врши насилство, да се влезе во домот и без налог. Клучно е да се има итна реакција’’, нагласи таа.

Малезанска се осврна и на бројните бариери со кои се соочила, во случај кој го пријавил братот на тешко болна жена од Гостивар, која била секојдневно малтретирана од сопругот и синовите. Жената била запоставувана, изгладнувана, физички и психички напаѓана, а и го оштетувале ѝ апаратот за слух. Еднаш пријавила, но кога слушнале дека синот е полицаец, не ѝ била примена поплаката. Центарот за социјални работи само ја констатирал состојбата и не презел ништо. Дури по вклучувањето на Хелсиншкиот комитет, конечно излегол на терен мултисекторски тим (ЦСР, МВР и ОЈО), кој констатирал дека жената мора да се извлече од таму. Сопругот, кој во меѓувреме упатувал закани до адвокатката, бил казнет само со парична казна за запуштање.