Летото е во полн ек, па сè повеќе луѓето размислуваат за нега на кожата.
Температурите веќе се доволно високи за да уживаме на плажа или базен и иако многумина за негата на кожата размислуваат само лете, нанесувањето на кремата со заштитен фактор треба да го применуваме во текот на целата година. Сепак, некои имаат бројни недоумници кога се работи за оваа тема. Кој заштитен фактор ни е потребен, кои состојки и одговараат на нашата кожа, дали цената одговара на квалитетот…
Како да ги протолкувате состојките на етикетите на производите за заштита од сонце
Проверете го заштитниот фактор
СПФ е мерка која покажува колку сончева енергија е потребна за да се предизвика изгореница на заштитената кожа во споредба со односот кога кожата не е заштитена. Како што се зголемува вредноста на заштитниот фактор, така се зголемува и заштитата од изгореници. Експертите препорачуваат користење креми за сонце со фактор 50.
Заштита од два типа зрачење
За да бидеме целосно сигурно дека кожата ни е заштитена додека сме на сонце, кремата мора да има заштита и од УВБ и од УВА зрачење.
Додека УВБ зраците го оштетуваат површинскиот дел на кожата, УВА зраците продираат подлабоко и предизвикуваат побрзо стареење на кожата, поради што таа губи од својата еластичност. Паралелно, и двата вида зраци влијаат на создавање канцер на кожата. Затоа, при изборот на крема, обрнете внимание на тоа дали на етикетата го пишува спектарот на заштита.
Хемикалии/ минерали
Постојат два вида креми за сончање: минерални и хемиски.
И едниот и другиот тип ја заштитуваат кожата, но на различен начин. Хемиските се базираат на состојките кои предизвикуваат хемиски реакции при апсорбција на УВ зраците и така ја штитат кожата. Од друга страна, минералните креми се „лепат“ за површинскиот слој на кожата.
Минералните креми генерално важат за полесни бидејќи не предизвикуваат иритација како хемиските. Доколку имате чувствителна кожа, одберете природни формули. За подобра заштита сепак, експертите советуваат да се користи комбинација од двата вида креми.
Водоотпорни креми за сончање.
Ваквите формули обезбедуваат заштита додека сме во вода, но таквата заштита има рок на траење. Водоотпорните креми за сончање нè штитат од 40 до 80 минути и тие се одличен избор за децата или за оние кои сакаат повеќе да пливаат.
„Дерматолошки тестирана“ / „препорачана од страна на дерматолозите“
Постои огромна разлика во значењето на овие две ставки. Некои компании вработуваат дерматолози кои го тестираат квалитетот на производот и оттука на етикетата се наведува дека тој е „дерматолошки тестиран“. Од друга страна, други компании бараат од одредени дерматолози да го пробаат производот и да кажат дали би го препорачале, од каде доаѓа „се препорачува од страна на дерматолозите“. Во индустријата не постои стандард кој одлучува која од овие фрази упатува на подобра заштита. И иако некои компании навистина го тестираат производот на помала група луѓе, овие фрази најчесто се само дел од маркетиншката стратегија.
Крема за лице / крема за тело
Кремите за сончање наменети за лице се направени така што не ги затвораат порите и не предизвикуваат појава на акни. Кремите за сончање за лице најчесто содржат комбинација на хемиски блокатор и цинк оксид. Тие може да се користат и со шминка или со други производи за нега на лице. Од друга страна, кремите за тело се погусти и ја штитат кожата на целото тело дури и кога се потиме.
Извор: lepotaizdravlje.rs