Штипската болница полека почнува да се полни со ковид пациенти – ММС
ММС

Објавено на: 07/11/22 3:21 PM

Штипската болница полека почнува да се полни со ковид пациенти

Порано од очекуваното почна најавениот нов Ковид – бран, што во случајот со Штип, значи стандардна бројка од нови 5-6 случаи секој ден. За период од 14 дена, потврдени се 53 нови случаи. Заклучно со 10 јули, активни се 38 случаи. По еден стабилен период, почна полека да се полни и Инфективното одделение во Клиничката болница во Штип, а зголемен е и бројот на заболени, кои се лекуваат амбулантски.

Според началничката Дијана Шишкова – Гајдарџиска, во ова одделение има пет пациенти кои се лекуваат од Ковид – 19.

-Се работи за сериозни случаи, кои имаат развиено пневмонија. Еден е на кислородна поддршка, тројца се од Штип, кажа д-р  Шишкова – Гајдарџиска.

Сите Ковид  – центри во источниот дел на државата се затворени, поради што пациентите помошта ја бараат во Штип.

Дека сериозно треба да се гледа на Ковидот, зборува и податокот дека една третина од направените тестови се позитивни. Според Институтот за јавно здравје, во периодот меѓу 8 и 10 јули, од направените 1869 тестови во сите лаборатории, 520 се позитивни. За една недела бројот на позитивни случаи е зголемен за околу 65 проценти.

Во само три града – Пехчево, Македонска Каменица и Дојран нема пријавено активни случаи на Ковид 19.