Додека опоравувањето на Иван се уште трае, грчките медиуми и денес ја продолжија приказната за нашите три момчиња кои ги однесе морската стуја на Халкидики.
Двајца се спасени, но за третото 28-годишно момче Мартин се уште се трага и сите се надеваат на среќен крај.
Веќе е познато дека топка, која исто така ја повлекла морска струја, му го спасила животот на Иван. Грчките медиуми денес информираат дека се пронајдени сопствениците на топката, која на Иван му значеше живот.
-Топката која го спасила Иван исчезнала од плажата Евгати во Лемнос, на 30 јуни! Според информациите на Вориа.гр, две мали деца, 6-годишниот Танос и 11-годишниот Трифон од Солун, отишле со своите родители на таа плажа, на летен одмор. Таму двете деца си играле со нивната омилена топка се додека во одреден момент таа не им излегла од контрола и била повлечена од морските струи… Всушност, пливач кој случајно се нашол на местото на настанот во тој момент се обидел да ја фати, но без резултат. Нивната мајка ја видела фотографијата со топката на Вориа.гр и препознала дека е иста како онаа што нејзините деца ја изгубиле во Лемнос. Топката патувала 10 дена за да го најде Иван, пишува voria.gr
Сега фокусот е на лоцирање и пронаоѓање на 28-годишниот, третиот од групата. Младиот човек, како што пишува порталот, е неискусен пливач и веќе е во морето околу 40 часа, а надежите се намалуваат како што минуваат часовите. Сепак, како што покажа приказната со Иван и топката на Танос и Трифон, надежта умира последна. Сите посакуваат да се најде и Мартин.