Доктор Методи Чепреганов – народот го сакаше и вреднуваше, додека државата никогаш не му се реваншира – ММС
ММС

Објавено на: 07/11/22 1:49 PM

Доктор Методи Чепреганов – народот го сакаше и вреднуваше, додека државата никогаш не му се реваншира

Родниот Штип на комеморација денеска му оддаде почит на светски познатиот доктор Методи Чепреганов, кој попладнето беше погребан на гробиштата во Скопје, каде го помина поголем дел од својот работен век. Човекот, кој пред 13 дена го прослави својот 86-ти роденден, немаше ниту ден пензионерски живот, беше активен до последен момент и во служба на своите пациенти.
Често знаеше да каже: „Со Бога напред, ќе биде се’“, се присети на комеморацијата професорот Кирил Барбареев, опишувајќи го како полн со енергија, и желба да помогне, што човекот го учи дека годините и возраста не се важни, за тоа колку и како човек треба да биде активен е одредено со доблест и секако со разум.


-Го сакаше Штип и гордо истакнуваше дека неговото семејство е ктитор на црквата Света Тројца позната како Чепреганова црква. Беше патриот – ја сакаше својата земја. Длабоко веруваше во законите на мајката природа. Ја сакаше Светата книга и длабоко веруваше дека остануваат верата, надежта и љубовта и тоа зрачеше од него, рече Барбареев.Тој потсети на фактите од биографијата на светски познатиот невропсихијатар-епилептолог. По дипломирањето на Медицинскиот факултет во Скопје, две годни работи во амбулантата на тогашниот Памучен комбинат „Македонка“, по што преминува во Клиниката за невролошки болести, а од таму го обиколува светот. Бил стипендист на Франција, Белгија и Англија, работел во светски познати лаборатории.

Самостојно или во коавторство издал 180 научни трудови, 70 монографии, од кои 5 на француски јазик, 2 на албански и една на бугарски јазик.
Добитник е на Орденот Палмус академикус на Франција, а заедно со тимот автори на енциклопедија, ја доби и највисоката награда на Франција. Доктор Чепреганов го работеше делот за епилепсија.
Наспроти двете вредни француско награди, д-р Чепреганов, омилен и баран од народот не доби ниту една државна награда. Поради тоа, Општината Штип и универзитетот „Гоце Делчев“ заеднички го предложија за највисоката државна награда „11 Октомври“.
-Со наградата „11 Октомври“ ќе биде исправена една неправда. Премалку сме свесни за неговата вредност“, рече професор Барбареев.
Со смртта на професор Методи Чепреганов, како што рече неговиот млад колега, Влатко Захариев,
Лекарите и медицинската фела загуби многу, бидејќи тој несебично знаеше да споделува своето богато знаење и долгогодишна пракса.


-Загубивме еден маркантен човек, со ведар дух и препознатлив штипски говор. Човек кој истава трага во живот на другиот, рече докторот Владко Захариев.
Професор Методи Чепреганов почина завчера по кратко боледување на 86 – годишна возраст. До последен ден работеше со пациенти.