Сега за сега немаме разработено никаков план или агенда за 30-ти септември, за денот на референдумот, е одговорот на новинарско прашање на генералниот секретар на ВМРО ДПМНЕ, Игор Јанушев. Тој синоќа беше во Штип, на состанок со партиските членови, во мисија на како што рече, објаснување на последиците од штетниот договор со Грција. Го прашавме што им одговара на членовите кога ќе го прашаат дали да излезат или не на рефередумот.
-Партискиот став останува ист дека секој од нас е доволно свесен и паметен што се случува во Македонија, дека ова не е референдум за Европа и НАТО, ова е референдум за промена на името, македонскиот јазик, култура и традиција. Секој од нас користејќи го разумот,а слушајќи го срцето, да одлучи како ќе постапи на 30-ти септември, изјави Јанушев, кој одговори и на тоа дали ќе се смета за предавство на партијата, доколку некој од членовите на ВМРО ДПМНЕ излезе на гласачките места во недела, без оглед на тоа дали ќе се изјасни за или против рефрендумското прашање.
-Апсолутно не. Се’ она што се движи во кое било сценарио, излегивање-неизлегување и било какво гласање во рамките на партискиот став, нема да влијаеме воопшто врз тоа. Секој од нас како Македонец е доволно паметен, е доволно зрел да донесе одлука, рече Јанушев , пред средбата во Штип, на која беа поделени летоци со повеќе објаснувања зошто партијата го смета договорот за штетен.