Без резултат е досегашната потрага во текот на ноќта во морскиот дел на првиот крак на Халкидики, по двајцата исчезнати, веројатно македонски државјани, а спасувачката акција продолжува и денеска, јави дописничката на МИА од Атина.
Потрагата и денеска се води под лоши временски услови со силен ветер со јачина од шест бофори (над 40 километри на час), а според информациите на МИА во акцијата учествуваат бродови на крајбрежната служба, чамци и бродови што се во близина и хеликоптер. Спасувачката акција започна вчера околу 19 часот по локално време, откако тројцата пријатели, на плажата Мити во Посиди, влегле во морето, но веројатно биле повлечени од струите и брановите, поради лошото време, а еден од нив беше спасен.
Од Крајбрежната служба на Грција за дописничката на МИА од Атина вчера потврдија дека спасениот е од Северна Македонија и станува збор за 25-годишно момче, кое е во добра здравствена состојба. За останатите двајца, се претпоставува дека и тие се македонски државјани, меѓутоа нема официјална потврда од надлежните, иако грчките медиуми тврдат дека исчезнатите се од Северна Македонија.
Според локалните медиуми, еден од тројцата пријатели имал роденден и дошле на Халкидики за да го прослават, а во некој момент влегле во морето да се капат, без да ги земат предвид силниот ветер и брановите.
Дел од присутните на плажата забележале дека капачите ги снемало и веднаш ја информирале крајбрежната служба, по што започнала и акцијата.
Градоначалничката на Касандра, Анастасиа Халкиа за грчките медиуми објаснила дека конкретната плажа е многу опасна за пливање бидејќи има морски струи и големи бранови.
Солунскиот портал Ворија, утрово објави дека во еден од бродовите со кои се врши потрагата се наоѓаат и таткото и братот на еден од исчезнатите.
Крајбрежна служба на Грција со официјално соопштение за исчезнатите
Крајбрежната служба на Грција, утрово, излезе со официјално соопштение за конкретниот случај во кое наведува дека вчера попладне, крајбрежните служби во Солун и Неа Муданња биле информирани за случај со тројца исчезнати капачи во морската област Посиди на Халкидики.
-Под координација на Координативниот центар за потрага и спасување на крајбрежната служба, во конкретната област започна потрага со два патролни чамци на крајбрежната служба, седум бродови што се во близина, а од воздух интервенираше еден хеликоптер на военото воздухопловство. Во потрагата учествуваа и патролни возила на крајбрежната служба, Грчкиот спасувачки тим и спасувачи волонтери, пишува во соопштението од грчката крајбрежна служба, што го пренесува МИА.
Дополнително, објаснуваат дека патролен чамец на пристанишната Капетанија Неа Мудања пронајде и спаси 25-годишен, еден од тројцата исчезнати, кој бил пренесен во риболовното засолниште „Неа Скиони”, од каде што бил преземен од возило на брзата помош со цел да биде пренесен во Општата болница Халкидики за укажување лекарска помош.
Поради законот за заштита на лични податоци, пракса во Грција е во официјалните соопштенија, на полицијата, на крајбрежната служба итн да не се објавуваат податоци (националност, иницијали и сл) за инволвираните лица.