Според копретседателот на македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања, професорот Драги Ѓоргиев се што ќе прави Комисијата се однесува и за Македонија и за Бугарија Не постојат еднострани обврски, и се е на база на реципроцитет.
-Не може Северна Македонија да ги менува учебниците, а Бугарија да не смени ништо во нејзините учебници. Не може Северна Македонија да смени натпис на некој од спомениците, а Бугарија да не смени, да остане онака како што е. Тоа е двострано, реципрочно. Ние ги добивме сите учебници од Бугарија како што и тие ги добија македонските учебници. Сите обврски кои ќе произлезат од препораките на пример за заедничко чествување се однесуваат и на Бугарија, не само на Македонија. Препораките се однесуваат и на бугарските учебници, не само на македонските учебници – вели Ѓеоргиев во интервју за емисијата „Стадион” на Радио Канал 77.
Ѓеоргиев потенцираше дека Комисијата не се занимава со идентитетските прашања.
-Тоа не е тема на работа на Комисијата и да се престане да се манипулира дека таа ќе решава кој каков идентитет имал пред илјада години. Ние разгледуваме прашања од учебниците на бугарски и македонски јазик и таму каде што ќе најдеме проблематични места за нас или за нив ги посочуваме и даваме препораки како да се надминат. Во ниедна препорака не сме дале квалификација етничка идентитетска припадност ниту за Цар Самоил, браќата Кирил и Методиј, Свети Климент или Свети Наум, Гоце Делчев ниту било кој друг – рече професорот Драги Ѓоргиев.
Тој го посочи примерот со препораките за Самоиловото царство како наставна тема во кои е напишано дека тоа е голема средновековна држава која голем дел од светската литература смета дека е продолжение на првото средновековно Бугарско царство. Но постојат и други тези и поинакви објаснување кои сито така се сместени, напишани ва препораките и според кои Царството се оформило на територија на денешна Македонија, без други одредници.
– Во препораките за учебниците е запазена таа мулти перспективност за која ние се залагавме-како е претставена Самоиловата држава во различни држави за да на учениците им се понудат повеќе толкувања и видувања од различни историографии и научници. Да знаат дека таа историја пред 1000 години не е црнo – бела и сами да си носат заклучок. Целта е да не нудиме една вистина која мора да биде научена само на тој начин и никако поинаку, туку кај учениците да развиваме едно критично мислење – вели Ѓоргиев.
Во однос на актуелните протоколи Ѓоргиев нагласи дека историско образовната Комисија е само еден сегмент.
– Ние даваме годишен извештај за работата на комисијата до МНР и тој се разгледува од страна на двете влади кои носат заклучоци како тие гледаат и го оценуваат нашето работење, вели професорот Ѓоргиев, додавајќи дека резултатите не зависат од бројот на средбите, некогаш два состаноци можат да бидат попродуктивни од десет и тоа што сега, како што велат рефлекторот ќе бил посилен, ќе имало од 8 до 12 седници, не мора да значи ништо, ако нема добар пристап и добра волја од двете страни.
Објавено на: 07/9/22 4:53 PM