Францускиот предлог и местото на македонскиот јазик бил тема на Советот за македонски јазик. Ова тело се состана и издаде едногласно соопштение дека е испочитуван македонскиот јазик во овој договор, во оваа фаза, а со тоа, култура и македонскиот идентитет. Ова е мислењето на Советот, што во емисијата Стадион на Канал 77 го изнесе неговиот претседател, професорот Људмил Спасов. Тој рече дека тоа е официјалниот став, но има и свое лично мислење, дека објективно е така.
Професорот Спасов објасни што во овој документ значи и пропишува почитување на македонскиот јазик.
-Тоа значи дека јазикот станува службен јазик во рамките на ЕУ. Сега прашањето е кога. Кога ќе влеземе во ЕУ или претходно, со оглед на тоа дека потпишуваме договори со различни институции на ЕУ и ќе ги потпишуваме на македонски јазик. И потоа следи една голема работа – превод на еден куп документи, не на друг, туку на македонски јазик, што значи тоа е службеноста, вели Спасов.
Понатаму, професорот Спасов објаснува како тоа води кон внесувањето на македонската култура и идентитет во ЕУ, како дел од европските.
-Почитувањето на културата значи, (бидејќи јазикот е идентитет така е во светската и во европската современа култура), тоа значи дека нашата култура станува значаен дел од европската култура. Понатаму, почитување на нацијата бидејќи поимот нација се врзува со поимот јазик. Не гледам ништо спорно, напротив многу сум задоволен. Тоа беше моја мечта уште кога Хрватска, Полска стануваа членки на ЕУ, го зборував на моите студенти, дека и за нас ќе дојде таков момент, рече Спасов.
На прашањето дали не го иритира тоа што Бугарите во таа унилатералната декларација ќе напишат дека македонскиот јазик е еден од шесте бугарски дијалекти, Спасов вели дека не знае како ќе напишат, дали така или нешто поинаку, но според него, тоа е дел од компромисот .
-Големото прашање е дали тоа ќе станува официјален документ на ЕУ. Но, како што читам и се надевам дека е само унилатерален документ на една од страните и понатаму нема никакво правно дејство. Се надевам дека е така. Тоа е еден вид компромис. Не ми е пријатно, но последиците од таа декларација се ништовни. Да не заборавиме дека целата бугарска национална историја или голем дел од неа уште во 19 век е градена на еден мит, во кој не треба да навлегуваме, дека целата територија од Црното Море до Јадранот е бугарска територија, но и тој мит се покажа дека не функционира во 21 век. Секако не ми е пријатно, но од друга страна се воздржувам гледајќи во иднината и гледајќи дека тоа нема вистинско дејство, кажа професорот Људмил Спасов во Стадион.
Објаснувајќи ги дилемите во јавноста околу бугарскиот став за македонскиот јазик, професорот Спасов дели дека нашиот јазик си има своја лична карта во Обединетите Нации и тоа е признанието.
– Таа лична карта јасно кажува дека македонскиот јазик е службен јазик во Северна Македонија и има свој код – само да си ги свртиме личните карти ќе ги видиме тие кодови напишани со кирилица и латиница. Според тоа, не постои никаков проблем. За жал, се прави проблем околу јазикот за да се предизвикаат други работи кои лежат во внатрешноста. Прашање е дали јазикот е вистинската тема или зад таа тема има закачено други теми, вели Спасов
Пред македонските преведувачи престои голема работа со превод на европските документи, во периодот пред нас.