Најмалку 500 лица доцна синоќа беа евакуирани во областа Пиза во Тоскана, Северна Италија поради голем пожар кој ја зафатил шумската област Монте Сера. Причината за неговото брзо ширење е ветерот, при што огнената маса започнала да им се заканува на мештаните.
„Разорен пожар во Каличи. Најблиските куќи се контактирани“, напиша синоќа на „Фејсбук“ градоначалникот на местото, Масимилијано Гименти. Тој подоцна соопшти дека се евакуирани 500 луѓе поради претпазливост.
Италијанската телевизија прикажа видео снимки од пламенот кој зафати големи делови од шумата. Утрово во гасењето пожар биле вклучени авиони и пожарникари кои пристигнале од цела Тоскана.
„Соочени сме со голем пожар. Најважно е сега да го спасиме селото“, изјавил за локалната телевизија пожарникар од Пиза и додал дека според неговото мислење пожарот бил подметнат.