„Прегорев“ не е само обичен збор туку животот го губи квалитетот – Како да си помогнеме при синдром на burnout со совети на психологот Александра Петровска – ММС
ММС

Објавено на: 07/8/22 11:31 AM

„Прегорев“ не е само обичен збор туку животот го губи квалитетот – Како да си помогнеме при синдром на burnout со совети на психологот Александра Петровска

Состојба на емоционална, ментална и често физичка исцрпеност предизвикана од хроничен, односно продолжен или повторен стрес. Вака се дефинира синдромот на „прегорување“ познат како burnout. Ваквиот синдром се поврзува со стресот во деловниот живот, но несомнено може да се одрази и на приватен план кај една личност.

Прекумерната работа не секогаш значи поголема продуктивност и тука несомнено голема улога игра грижата за себе. Како да го препознаеме синдромот на „прегореност“ и што тој ни покажува за карактерот на личноста зборуваме со Александра Петровска, лиценциран психолог, семеен и системски психотерапевт под супервизија, советник во Советувалиштето за помош и поддршка на жени „И сега што“, како и автор на онлајн катчето посветено на грижата за себе и менталното здравје „НАРАТИВА“.

Како да го препознаеме синдромот на „прегореност“, како се манифестира и дали може да се одрази и врз физичкото здравје?

-На почеток да напоменеме дека до состојбата на прегореност и исцрпеност не се стигнува преку ноќ. До неа се стигнува постепено, полека, бавно, што всушност го отежнува и нејзиното препознавање. Но, за среќа нашиот ум и тело ни даваат знаци на предупредување и ако умееме да ги препознаеме ќе можеме да ја препознаеме и ваквата состојба пред да биде предоцна.

Дел од предупредувачките знаци се нарушени когнитивни способности (заборавеност, расеаност, намален фокус и концентрација), промени во расположението и однесувањето (замор, беспомошност, исцрпеност, губење на интерес за работите што ги сакаме, намалено расположение, негативниот став и размислување, критицизам, песимизам, изолираност, напнатост, нездрава исхрана, променет апетит, неорганизираност, хаотично однесување, конфликтни меѓучовечки односи, зголемена вознемиреност), како и физички манифестации на стрес (главоболка, стомачни тегоби, отежнато дишење, вртоглавица и губење на свеста).

Начинот на кој се пројавуваат овие знаци, односно сиптоми е уникатен за секоја личност. Секако, постои голема поврзаност помеѓу психолошките и физичките симптоми, односно дека тоа што се случува на психолошко ниво, може да се одрази и врз физичкото здравје. Затоа, важно е да не се игнорираат овие знаци и симптоми, туку да се препознаат кога телото ни покажува дека нешто не е во ред. Доколку ги препознаете кај себеси, важно е прво да се консултирате со лекар за да одредите кои фактори навистина ја предизвикуваат вашата состојба. Ако причинителот е стресот, тогаш ваша должност е да побарате помош и поддршка и да си го дадете тоа што му е потребно на вашиот ум и тело и да започнете редовна грижа за себе.

Овој синдром вообичаено се поврзува со деловниот живот, но може ли да влијае и врз приватниот живот на една „прегорена“ личност? Дали се одразува и врз релациите со семејството или пријателите?

-Иако најчесто се јавува како состојба предизвикана од проблеми и стрес поврзани со работата, сепак тоа што се случува во деловниот живот на една личност може да се одрази и врз нејзиниот приватен живот. На пример, многу често се случува личноста која е во една ваква состојба да се изолира од средината. Тоа може особено да влијае на односите со другите, квалитетот на врските, како и негативно да се одрази на социјалниот живот на личноста.

Кога луѓето се под стрес, се случува да се повлечат, да бидат расеани, а тоа им оневозможува да бидат поврзани, да градат односи, близина со другите околу себе. Имаат и помалку време за слободни активности, што доведува до отуѓување од партнерот, децата, семејството, пријателите. Стресот може да ги нагласи и некои помалку добри особини на луѓето, што може да ги наведе и нивните блиски луѓе да се повлечат, бидејќи кој сака да биде покрај некого во чие присуство се чувствуваш непријатно поради неговото/нејзиното лошо однесување? Со текот на времето, врските може да станат поповршни (личноста сѐ помалку да биде присутна и вклучена во животот на другите), да стане уште поповлечена, доживувајќи повеќе конфликти, вознемиреност и отуѓеност во врските со другите.

Исто така луѓето кои искусуваат една ваква состојба често пати се случува да бидат помалку трпеливи и толерантни на туѓото однесување и грешки. Тие се пораздразливи, понекогаш и непријателски настроени, што ја зголемува веројатноста за појава на конфликт во односите со другите. Кога влегуваат во конфликт, стресот може да ги направи помалку способни да слушаат или да покажат интерес и емпатија. Стресот ја намалува и способноста на личноста конструктивно да се справи со проблемот.

Затоа, можеме да заклучиме дека стресот што личноста го доживува надвор од приватниот живот може да се „прелее“, односно да се одрази и во приватните области од нејзиниот живот.

Има ли реалација меѓу burnout-от и карактерот на личноста и животниот стил? Дали овој синдром е почест кај луѓе со ниска самодоверба, луѓе кои немаат јасно поставени граници, кои не знаат да го изменаџираат времето и така натаму?

-Истражувањата покажуваат дека ваквата состојба често пати не е предизвикана само од стресната работа или имањето премногу обврски. Постојат и други фактори што придонесуваат да се дојде до состојба на исцрпеност, како што се животниот стил, занемарувањето на грижата за себе и некои особини на личноста. Всушност, тоа што личноста го прави во меѓувреме и начинот на којшто се доживува себеси и начинот на којшто ги гледа нештата околу себе и светот може да игра исто толку голема улога како и работата во предизвикувањето на хроничниот стрес. Па така, можеме да кажеме дека под поголем ризик за burnout се луѓето кои имаат тенденција да работат прекумерно, кои се високо амбициозни, со перефекционистички тенденции, луѓе кои имаат недостаток на блиски, односно поддржувачки односи, преземаат премногу обврски без да побараат помош од другите, имаат песимистички поглед на себе и светот, како и силна потреба да имаат контрола и тешко делегираат обврски на другите.

Исто така луѓето кои имаат потешкотија да постават граници или немаат поставени здрави граници, имаат тешкотија да кажат „не“, имаат тенденција да им угодуваат на другите, несигурни се и така натаму. Сепак, без разлика на овие ризик фактори кои можеби се „плодна почва“ за синдромот на согорување, доколку личноста навремено ги препознае предупредувачките знации и превземе одредени активности со цел да направи значајни промени во однос на грижата за себеси, може да превенира дополнително влошување на состојбата.

Каква е улогата на лидерите во појавата на синдромот на прегорување? Дали и поради нивно лошо менаџирање на работата, кај вработените може да дојде до вакво нешто?

-Синдромот на согорување поврзан со работата е тесно врзан со културата на работната средина што ја градат лидерите во својата фирма/организација. Според Human Resource Executive, причина број еден за исцрпеноста на вработените претставува лошото лидерство и нејасните насоки. Важноста на работната култура и благосостојбата на вработените се повеќе се препознава како клучен двигател за успех. Сепак, сè уште има многу лидери и менаџери кои го наградуваат прекумерното работење и лошо раководат со персоналот. Нејасните очекувања, лошата комуникација, недостатокот на можности за градење на сопствената кариера и чувството дека не се почитувани и ценети се високо на листата на причини зошто вработенит доаѓаат до состојба на исцрпеност, непродуктивност, неефикасност и состојба на прегорување.  Лошиот менаџмент, лошото лидерство и нездравата работна култура се претходници на согорувањето на вработените. Исто така, ако и самите лидери не менаџираат добро со сопствениот стрес, тоа може лошо да се одрази на самите вработени. Важно е лидерите да ја разберат улогата што можат да ја играат во спречувањето на исцрпеноста на вработените. Важно е лидерите да превземат поголема одговорност за здравјето и благосостојбата на нивниот персонал, што пак е од огромна важност за постигнување на работен успех.

Умеат ли луѓето да го препознаат ваквиот синдром и дали бараат помош и поддршка од стручни лица за да го надминат, што покажува Вашето искуство?

-За жал, многу често се случува луѓето да го препознаат ваквиот сидром и да побараат помош и поддршка тогаш кога состојбата на нивното лично здравје станала високо алармнтна. Една од многуте можни причини зошто луѓето чекаат толку долго за да побараат помош е тоа дека состојбата на burnout често пати се манифестира и како нешто едноставно и добро познато, како на пример болка или главоболка или дигестивни проблеми. Заради тоа, често се случува на почетокот личноста да ја минимизира алармантноста на знаците што ѝ укажуваат дека ѝ е потребна подобра грижа за себе, помош и поддршка. Моето лично искуство ми покажало дека често се случува луѓето да избегнуваат да им дадат приоритет на своите лични потреби, сѐ додека не дојдат до самиот крај на личните сили. Симптомите што ги искусуваат понекогаш ги препишуваат на други надворешни причини. Но, сепак тоа што нас стручните лица во последно време навистина нè радува е поголемата отвореност да се зборува и пишува на ваквите теми, како и зголемената свесност и заинтересираност за ваквите состојби, особено од  страна на младите луѓе, како и нивната спремност да побараат помош и поддршка со цел да си помогнат на себеси или на некој друг околу себе.

Дали преокупацијата со работата навистина води кон зголемена продуктивност? Дали немањето време за себе е навистина „рецепт за успех“ или со прегореноста всушност се впуштаме во загриженост околу работата без да имаме простор за поголем успех?

-Прекумерната окупираност со работата не секогаш значи поголема продуктивност или поголем успех. Немањето време за себе или негрижата за сопствените потреби, нивното незадоволување може да влијаат негативно на продуктивноста и ефикасноста коишто се тесно врзани со успехот. Ако постојано сте преокупирани со работа и не креирате време за себегрижа или одмор, време за негување на вашите други интереси, хоби, врски со другите луѓе…со текот на времето вашето однесување може да добие форма на нездраво однесување, како што е компулсивно однесување (пр. прејадување), како и појава на одредени симптоми на депресивно расположение. Важно е да бидеме свесни дека нашите потреби, кои можеби ги игнорираме или запоставуваме во име на работата и успехот, не можат предолго да останат незадоволени. Не можете да истурате од празна чаша. Непходно е да ја наполните вашата чаша за да можете повторно да давате од себеси. Без посветена грижа за себе, животот почнува да го губи својот квалитет. Истражувањата покажуваат дека оние кои се способни адекватно да ги задоволат нивните потреби честопати се способни подобро да се справат со секојдневниот стрес, што всушност помага во превенирање на состојба на burnout. Грижата за себе го зголемува задоволството од животот, од работата, а со тоа ја зголемува и продуктивноста и успехот во истата.

Со оглед на тоа дека летото е речиси во полн ек, што би им порачале на луѓето кои се чувствуваат „прегорено“ – колку годишниот одмор може да им биде од полза за надминување на ваквата состојба? На кој друг начин би можеле да си помогнат самите на себе доколку констатирале дека и тие го имаат овој синдром?

-Годишните одмори, патувањата, летувањата може да помогнат и да придонесат луѓето да креираат време за релаксација и простор за исполнување на своите лични потреби, што им е неопходно доколку се чувствуваат „прегорено“. Но, не би кажала дека еден годишен одмор може да помогне во целост да се надмине ваквата состојба. Често пати се случува луѓето да заминат на одмор и кога ќе се вратат назад во старата средина повторно да се вратат на старите навики кои можеби ги донеле до состојба на исцрпеност.

За жал, состојбата на burnout не е како да имате грип што ќе помине за една недела. Напротив, доколку сакате да ја надминете ваквата состојба важно е се посветите на работа на себеси и да направите значајни животни промени. Првиот чекор во справување со ваквата состојба е да се погрижите за себеси и своите потреби. Да почнете да практикувате активна грижа за себе. Да ги замените лошите навики со здрави навики. Тоа можеби за вас ќе значи промена на начинот на исхрана, навиките за спиење, почести прошетки во природа, поминување повеќе време со семејството и децата, вежбање, практикување водени медитаци, водење дневник и така натака. Грижата за себе за сите нас може да изгледа различно.

Но тоа што е исто така многу важно доколку сте препознале кај себеси некои од предупредувачките знаци или симптомите на burnout, е тоа да побарате и помош од стручно лице и заедно со неговата/нејзината поддршка да го индетификувате и дефинирате проблемот и притоа да креирате индивидуален план за себегрижа. Ваквиот план за себегрижа може да ви даде понатамошни насоки за тоа што може да направите со цел да си помогне на себеси.

 

Вања Мицевска