Каде се парите од ТАВ за Штип? Општината покажува кон Владата која укажува на пропусти во проектот – ММС
ММС

Објавено на: 07/8/22 9:39 AM

Каде се парите од ТАВ за Штип? Општината покажува кон Владата која укажува на пропусти во проектот

Во три ден два големи дефекти во Штип на едно исто место на главната водоводна линија во близина на филтер станицата, го отвори прашањето зошто се’ уште се чека на најавениот проект од парите од ТАВ, кој наместо аеродром, ќе реализира општински проекти. Во Штип е договорено со 1,2 милиони евра да се реконструира Линија 2, која е застарена и создава проблем со водоснабдувањето со високите зони. Оваа линија тргнува од населбата Балканска кон булеварот „Гоце Делчев“ и Пребег до месноста Мери.

Градоначалникот Иван Јорданов побара одговори од Владата, која како што изјави, се’ уште нема избрано економски оператор, особено што во останатите општини овие проекти се скоро завршени.  -Владата не е таа што ги не ги избира економските оператори за изведба на проектите, одговорија од владината прес служба.

-Тоа го прави ТАВ како изведувач, ангажирајќи компании коишто ќе бидат извршители, стои во одговорот од Владата.

Јорданов стравува дека проектот може да не се реализира, бидејќи рокот за завршување е крајот на оваа година.

-Најголем дел од општините веќе ги имаат добиено средствата. Дел од проектите практично се и завршени. Општина Штип се’ уште бара информација до каде е проектот со Линија 2 . Ние ќе го следиме процесот. Нема да дозволиме такво нешто. Ова не’ следува и покрај тоа што како општина сме оштетени. Не верувам дека граѓаните ќе го дозволат тоа. Затоа го комуницирам гласно за да направиме притисок и средствата што се предвидени за Штип да бидат реализирани, затоа што е во интерес на граѓаните“, изјави градоначалникот Јорданов.

Од Владата појаснија дека застојот е поради „пропусти на проектот и немарност на општинската администрација“.

-Проектите избрани со ТАВ програмата се проекти со кои општините сами аплицираа и за кои сопственост и најголем дел од одговорноста за процесот на реализација имаат тие. Во однос на конкретниот проект, Ве информираме дека заради пропусти на проектот и немарност на општинската администрација, средствата можеа да се изгубат. Но, за да го заштити интересот на граѓаните на Штип, Владата не го дозволи тоа и проектот ќе биде реализиран, стои во одговорот од владината Прес служба.

Градоначалникот Јорданов за одговор се обратил и до турската компанија ТАВ, која според договорот со Владата, треба да ги реализира целосно избраните проекти на општините.

-Претставниците од ТАВ ме контактираа и во наредните денови очекувам да дојдат нивни претставници и да поразговараме. Од нивни укажувања, се преговара со економски оператор и очекувам во следните недели да се започне со проектот, изјави Јорданов.

Проблематична е линијата во должина од два километри, која во три дена два пати ги остави штипјани без вода. Линијата ја чинат азбестно – бетонски цевки стари 33 години. Градоначалникот Јорданов кој со следните парламентарни избори најавуваше референдум за парите од самопридонесот да се наменат за замена на водоводната линија, вчера изјави дека по секоја цена ќе се распише општински референдум.

– Затоа што ова не се издржува на дневна основа да имаме дефекти и да имаме нервози кај граѓаните. Се надевам дека ќе се обединиме кон решавање на овој горлив проблем, кој не’ засега сите нас и затоа решението е да се излезе на референдум и да се искористат парите од самопридонесот и ќе го реши во најголем дел овој проблем, а старите дотраени цевки ќе бидат обновени. Со проектот за Линија 2 на ТАВ ќе биде најрационалното решавање на проблемот, изјави Јорданов.

Локалната опозиција обвини дека локалната власт не успева да се снајде и градот на овие температури го остави без вода за пиење. СДСМ на прес конференцијата во понеделникот забележа дека од смената на власта има над 100 прекини во водоснабдувањето, поради што побараа одговорност од в.д. директорот Трајче Здравков.