(Видео) Со таа енергија беше како Мик Џегер во младоста, многу недостасува – Промоција со емоции и сеќавања за Влатко Илиевски – ММС
ММС

Објавено на: 07/2/22 6:26 PM

(Видео) Со таа енергија беше како Мик Џегер во младоста, многу недостасува – Промоција со емоции и сеќавања за Влатко Илиевски

Да беше жив Влатко Илиевски денес ќе наполнеше 37 години, но место да го славиме денес роденденот на Влатче, кој на 6 јули пред четири години нè напушти, останаа само спомените, на кои се присетија негови блиски соработници.

Причина за средба и спомени на овој ден во име на Влатче е неговиот постхумен албум „Последното танго“, кого неговиот татко Драган Илиевски-Вршац, не дозволи да остане необјавен.

Албумот е со стари и досега необјавени песни, кои можеше да се слушнат и за време на промоцијата, но и дел од негови познати песни во живо исполнија Ристо Самарџиев и Владимир Дојчиновски-Дојчин.

-Не знам дали сме посиромашни ние кои останавме без Влатко и многу ни недостасува, или оние кои никогаш не го запознале“, рече Самарџиев кој со Влатко имаше два дуета, од кои едниот е „За љубов се пее до крај“, со која победија на на „Охрид фест“

Пред присутните се обратија многу негови соработници,Славчо од „Морал“, Кристијан Габровски, Дојчин.., кои во едно се сложуваа сите – недостасува неговата енергија, харизма и насмеан лик.

-Со таа енергија што ја имаше беше како Мик Џегер во младите години. Недостасува, многу недостасува, се сложија сите.

Но, колку и да се раскажува не може да се дораскаже за некој кој живееше брзо и пред да нè напушти направи спомени за три животи.

Недостасува, многу недостасува и на колегите и на семејството и на армијата обожаватели кои ги имаше и кои го сакаат и до ден денес.

(В.М.)

Фото: Вангел Тануровски