Офицерскиот дом во Битола од денеска е културно наследство со големо значење – ММС
ММС

Објавено на: 07/1/22 3:18 PM

Офицерскиот дом во Битола од денеска е културно наследство со големо значење

На предлог на Управата за заштита на културното наследство и мислењето на Националниот совет за културно наследство, Владата на Република Северна Македонија го прогласи Офицерскиот дом во Битола за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење.

– Значењето и вредноста на овој објект конечно беше валоризирано минатата година во мандaтот на оваа Влада откако беа усвоени ревалоризацијата на предметното добро од установа НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Битола, а потоа и ревизијата на актот за ревалоризација што го изврши Комисија формирана од Управата за заштита на културното наследство, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Офицерскиот дом изграден во 1912 година, претставува споменик на културата, а со овој највисок степен на заштита, трајно ќе биде зачуван овој редок архитектонски објект кој сам по себе говори за практикувањето на архитектура од јавен и монументален карактер кај нас во периодот на неговото настанување.

 

Реставрацијата на Офицерскиот дом е изведена во рамките на проектот „Зголемена туристичка понуда на Пелагонискиот Регион преку реставрирање и адаптирање на Офицерскиот дом со партерно уредување“, за кој Општина Битола за време на претходната локална власт доби средства од европските ИПА фондови.

 

Вкупната вредност е 58.792.610 денари, од кои Општината обезбеди над 5,8 милиони денари. Дополнително, од локалната самоуправа се вложени два милиони денари во атмосферска и фекална канализација, која ќе биде приклучена кон главната улична одводна каналска мрежа.

 

– Со содржините кои почнаа да се одвиваат во овој магичен простор на Широк сокак, како генерација продолжуваме да ги негуваме и спомените за златното време на Битола, да го негуваме културно-историското значење на објектот, но и да создаваме нови уметнички вредности кои ќе остават траги за актуелниот културен и општествен живот на Битола и на целата држава, додаде министерката Костадиновска-Стојчевска.

 

Највисок режим на заштита подразбира трајно зачувување на Офицерскиот дом во изворна состојба; создавање на поволни услови за опстанок на Офицерскиот дом и задржување на интегритетот на сите податоци што тој ги носи со себе како сведоштво; ширење на сознанијата за вредностите и значењето на Офицерскиот дом и за неговата улога во културната идентификација; оспособување на Офицерскиот дом според неговата намена и значење, заради задоволување на културните, научните, едукативните, естетските, економските, туристичките и другите потреби на граѓаните и општеството и спречување дејствија, појави и влијанија со кои се врши или може да настане оштетување или деградирање.