Вечер од 20 часот на камената бина на плоштадот Александрија во центарот на Прилеп официјално започнува 48. Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. Околу 300 изведувачи на изворниот мелос од сите краишта на земјава, вечер и утре, на Рудина кај Долнени, ќе ги разлеат гајдата, кавалот, зурлите, тапаните, ќе ги изведуваат изворните песни што се дел од богатото македонско фолклорно наследство.
Годинава ќе настапат и гости од соседна Србија.
Денеска од 11 часот во ликовниот салон во Центарот за култура „Марко Цепенков“ е и симпозиумот на тема „Фолклорот во минатото и денес“ на кој ќе говорат еминентни етномузиколози. Ќе биде промовиран и зборникот со трудови.
Во рамките на Фестивалот деновиве се одржуваше и семинарот за изучување на изворните инструменти. Учествуваа десетина млади кои со талентот сакаат да ја продолжат фолклорната традиција.
Утревечер на Рудина кај Долнени, по втората фестивалска вечер, ќе бидат прогласени најдобрите изведувачи, а најдобриот гајдаџија ќе ја добие „Гајдата на Пеце“ што ја доделува општина Долнени.
Фото: prilepinfo.mk