Денес во владата односно во МНР е пристигнат предлог од француското претседателство кое се однесува на нашите јасни ставови и позиции во однос на спорот со Бугарија – изјави вечерва на прес конференција премиерот, Димитар Ковачевски.
Тој рече дека предлогот е стигнат по интервенција на земјава во Брисел, а официјалните ставови ќе бидат соопштени откако предлогот ќе ги помине филтрите на сите засегнати институции. Ковачевски најави широк консултативен процес со владината коалиција, а потоа и со претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупната јавност во земјата.
„Сакам да ги уверам граѓаните дека ние имаме план и стратегија која дава резултати. Апелирам до сите политички актери и до медиумите да се воздржиме од шпекулации и да се потпираме на релевантни информции од институциите. Процесот ќе биде транспарентен и ние ќе споделиме со јавноста релевантни детали по што ќе може да се донесе финална одлука. Одлуката за нашата иднина ќе ја донесеме заеднички“, додаде Ковачевски.
Одговарајќи на новинарско прашање, дали историјата ќе влезе во преговарачката рамка, премиерот истакна дека историските прашања нема да бидат дел од преговарачката рамка и тоа е содржано во предлог документот кој е пристигнат во МНР.
„Во однос на ставовите во Република Бугарија, тие имаа процес кој го поминаа во изминатиот период. Со оглед на тоа дека имаше драфт-идеи на кои ние имавме забелешки таков процес не можеше да се отпочне и заврши кај нас. Нашите забелешки се содржани во новиот предлог кој се наоѓа на анализа во МНР и може да го отпочнеме процесот на консултации кај нас“, информира Ковачевски.
„Во однос на сите други детали околу предлогот, министерот за надворешни работи и вицепремиерот за евроинтеграции ќе имаат почнувајќи од утре консултации во детали во однос на предлог документите во детали со медиумите“, појасни тој.
Прашан дали има временска рамка и колку ќе траат консултациите, премиерот рече дека ќе траат толку време колку што ќе биде потребно за да бидат информирани коалициските партнери, политичките партии, Владата и Собранието. Ковачевски потврди дека модификуваниот француски предлог е усогласен со Бугарија, но не одговори конкретно во каква форма ни дале гаранции дека ова ќе биде последното барање од бугарска страна.
„Во однос на одвивањето на самиот процес на претпристапни преговори тоа е дефиниран процес во ЕУ кој е дел од стандардите во ЕУ. Откако ќе започне процесот на преговори и откако ќе биде усвоена преговарачката рамка, процесот се води од страна на земјите членки, а ние имаме обврска како држава кандидат за членство да ги негуваме добрососедските односи не само со Бугарија туку и со другите соседи“, рече Ковачевски.
Тој не кажа дали Владата се согласила на нови отстапки, но посочи дека сите детали од предлогот ќе бидат презентирани утре.
Прашан дали внесувањето на Бугарите и понатаму останува услов, Ковачевски истакна:
„Во однос на прашањето за вклучување на други граѓани коишто се самоопределуваат на различен начин од граѓаните коишто веќе се дел од Уставот и тука не зборуваме само за граѓаните коишто се со бугарско самоопределување туку и за оние со хрватско и црногорско, ние веќе имаме изјави од сите политички актери во државата дека тоа е процес којшто сите ќе го поддржат. Второ, во однос на поддршката и консензуалното прифаќање на она што ќе сметаат нашите граѓани, нашите парламентарци и другите носители во државата, сметам дека треба да биде со најширок консензус бидејќи на ваков начин правиме исчекор кон отворање на првата меѓувладина конференција со ЕУ. Тоа секогаш значи почеток на скрининг процесот, меѓутоа за деталите за фазите во меѓувладините конференции ќе информира утре вицепремиерот за евроинтеграции“.
(В. Ми)