Дескоска: Членовите на антикорупциска ќе бидат лица кои не биле тесно поврзани со политички партии – ММС
ММС

Објавено на: 09/24/18 12:02 PM

Дескоска: Членовите на антикорупциска ќе бидат лица кои не биле тесно поврзани со политички партии

Новинарските здруженија и невладините организации што работат во сферата на корупцијата ќе можат да номинираат претставници кои ќе учествуваат во интервјуирањето на кандидатите за членови на Државната антикоруписка комисија. Ова е една од новостите што ги предвидува новото законско решение, кое треба да и помогне на државата со справувањето со корупцијата – прашање за кое со години наназад е критикувана од Европската комисија.

Предлог законот кој неодамна беше презентиран од министерката за правда, Рената Дескоска денеска беше тема на јавна дебата.

„Ќе видите дека еден од критериумите за избор на лицето кое што ќе биде избрано за член или пак претседател на Државната комисија за спречување со корупцијата да не вршело политичка функција во Владата во Парламентот, ниту пак да било донатор на политички партии во последните 10 години, на некој начин сакаме да имаме лица кои не биле тесно врзани со политичките партии“, вели министеркста за правда, Рената Дескоска.

Дел од измените кои ги предвидува новиот закон за спречување корупција и судир на интереси се различен состав на Државната комисија за спречување на корупција и транспарентна постапка за нејзин избор.

„Во делот на зголемување на надлежностите на Државната комисија за спречување на корупција, дадени се зајакнати надлежности кои што ќе значат пристап до бнакарските сметки на лицата кои што се носители на јавни функции и зголемени надлежности во контролата на имот“, изјави Дескоска.

Во делот на финансирањето на изборните кампањи содржани се рокови во кои што во текот на една изборна кампања Државната комисија за спречување на корупција ќе мора да се произнесе  за евентуални нерегуларности во финансирањето на изборните кампањи на некоја политичка партија или организатор на некоја кампања, додава Дескоска.

Ако досега податоците за имотот на функционерите се дознаваа врз основа на анкетните листови, со новиот закон за спречување на корупцијата тоа ќе го прави антикорупциската комисија.

„Сега комисијата треба да има пристап и самата да ги врши тие проверки, пристап до сите потребни бази на податоци да може да доставува барања до сите институции, вклучително до банките кои ќе достават информации за банкарските сметки на носителите на функции, односно субјектите на овој закон“,  потенцираше претседателката на Transparency international во Македонија, Слаѓана Тасева.

Во март годинава, петмина од вкупно 7 члена на антикорупциската комисија со поднесоа оставки, откако беше објавен ревизорски извештај на Управата за јавни приходи. Во него беа наведени сомневања за исплата на фиктивни патни налози и трошења на буџетски пари.

Според извештајот, некои од антикорупционерите поднесувале по три патни налози за ист ден, односно испаѓало дека ист член на комисијата во еден ден бил и во странство и на седница на комисија.

Оставки побара и парламентарното мнозинство, а за извештајот на ревизорите за Антикорупциска, истрага отвори Јавното обвинителство.