Собранискиот претседател Талат Џафери се брани на седницата каде единствена точка е неговата интерпелација, потсетувајќи на инцидентите наназад, каде главни актери се пратениците од ВМРО ДПМНЕ, подносители на иницијативата.
Ако сум ја затворил врата по деловник, не сум ја отворил па да ги загрозам животите на луѓето. Нема да дозволам да се узурпира Собранието. Да не треба да ве вратам во 2012 година, на Комисијата за финансирање и буџет со тепачки, или на 2006-та со тие слики. Па не бев јас претседател, Никола Мицевски. И да застанете сите тука и да тргате микрофон! Што треба да направам?! Да легнам и да ме газите?! Извините браќа, не може ниедна процедура да го оправда тоа. Јас сум бил примитивецот?! Ќе ги поднесам сите епитети, но ќе продолжам да ја вршам работата, рече на говорницата Џафери.
Понатаму потсети на настанот кога Никола Груевски во улога на пратеник, му фрли вода во лице, по што Џафери го повика обезбедувањето да интервенира.
-Мене ми се качи овде во 2018 година мојот бивш премиер. Да, бе мој премиер! Бев министер во неговата влада. Ми се качи горе и ме поли со вода. Кај бевте тогаш?! Не далеку, пред две седмици ти се качи горе на место каде не смееш да доаѓаш. Нема интерпелација на пратеник, тоа е злоупотребата, ало Никола Мицевски, викна Џафери.
Претходно координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, Никола Мицевски ја образложи потребата од интерпелација на Џафери. Мицевски наведе делување и настани на товар на Џафери.
-Собранието го претворивте во машина за гласање на криминалните зделки на владата, вие тоа го дозволувате. Пратениците, а не седиштето на ВМРО ДПМНЕ ја поднесува интерпелацијата и веруваат во тоа дека ја прекршувате процедурата и деловникот, рече Мицевски, според кој, пратениците имале добра желба за комуникација, која не била прифатена од Џефери.
Неговата сопартијка Дафина Стојановска го нарече Талат Џафери „зеномразец“.
-Џафери се изживуваше со сите пратеници од опозицијата. За мене со потсмев им велеше на своите обожаватели да ме видат. Како да сме на излет во некоја планина или пак забавувачка во некое кабаре! Да го прогласиме Џафери за женомрзец“, рече Дафина Стојановска.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во интерпелацијата нотираат дека се почесто има скандали во неговото работење и оти меѓу последните во низата бил скандалот кога пратениците на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ биле заклучени во салата во која се одржуваше пленарната седница.