(Видео) Летото е резервирано за ведри теми – Боби Павловски сними нов сингл – ММС
ММС

Објавено на: 06/29/22 1:37 PM

(Видео) Летото е резервирано за ведри теми – Боби Павловски сними нов сингл

По одличните „Заблуда“, „Калдрма“, „Самица“, Метар дана“, „Тамо негде“ и „Не оклевај“ Боби Павловски на јавноста и ја претставува одличната балада со наслов „Поносан“ (Горд).
И оваа тема е снимена на српски јазик и значи продолжение на проектот во чии рамки досега Боби сними шест нумери.
Музиката, текстот и аранжманот за „Поносан“ се дело на Милан Раѓен, а и овој пат за придружните вокали се погрижи колешката од соседството Ивана Селаков.

Спотот, пак, е работен со веќе проверените соработници на Павловски,  Tropical Lifeisfun, под режисерската палка на Љуба Радојевиќ.

„Летото е некако резервирано за поведри теми, но јас решив да пуштам една убава балада која уште на прво слушање ми се залепи и за уво и за срце. Верувам дека и мојата публика ќе го препознае истото и дека ќе им се допадне песната“, вели Боби, кому ова лето тешко дека ќе му остане време за одмор, бидејќи агендата со настапи му е преполна.

„Не е лесно да се настапува речиси секоја вечер, но верувајте нема ништо поубаво кога на настапите гледаш задоволни лица и кога буквално ми ги пеат песните во еден глас, од прв до последен стих“, додава Павловски.

Видеото за „Поносан“ е снимено на локации во Белград и е интересна љубовна приказна која низ кадри кои се враќаат наназад го прикажува односот меѓу една љубовна двојка.