Вандализиран штабот на СДСМ во центарот на Куманово – ММС
ММС

Објавено на: 09/24/18 10:44 AM

Вандализиран штабот на СДСМ во центарот на Куманово

Штабот на Социјалдемократскиот сојуз кој се наоѓа во центарот на градот, поточно во зградата на Поранешен комитет, денеска неколку минути пред 11 часот е искршен од страна на засега непознат сторител.

Според очевидците непознато машко лице излегло од автомобил и со безбол палка удрило врз фотографијата на градоначалникот, Максим Димитриевски.

– Закани, вандализми, демолирање. Што ѓавол влезе во нас луѓето? Зошто? Можеш да ме сретнеш слободно на улица секојдневно и да ми кажеш што имаш, да дебатираме со аргументи. На крајот разумот победува, тој што прави дело ќе одговара. Ние ќе продолжиме со нашата борба за подобар живот за сите, експресно реагираше Димитриевски на својот фејсбук профил.

Партиските простории беа користени за време на кампањата на последните локални избори, а од пред неколку месеци партијата го изнајми како магацин за просториите на угостителски објект.

Инаку неодамна токму овој штаб беше цел на препукување на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозицијата обвинуваа дека СДСМ просторијата ја издала на приватен субјект, иако целата зграда на поранешен комитет е во сопственост на Република Македонија, а со право на користење на Општина Куманово.

 

Никола Ивановски