По минатонеделниот почеток штрајк со глад кај неколку затвореници во Затвор – Штип, денеска рано наутро таму се спроведе претрес. Во 11 ќелии во периодот од 06.00 до 09.00 часот, полициски службеници во содејство со Затворската полиција, пронајдоа недозволиви или забранети предмети кај лица осуденици, кои се на издржување казна затвор.
-По добиена судска наредба од Основен суд Штип, соопштија денеска од МВР, извршени се претреси во 11 ќелии во различни одделенија во КПД Штип кај 39 осудени лица кои се на издржување казна затвор. При претресите се пронајдени и одземени: грутчеста материја, предмети со остатоци од прашкаста материја, мобилни телефони, поголема сума на парични средства од законски дозволените кои осудените лица можат да ги поседуваат, ножеви и повеќе други остри предмети, метални шипки и други тврди предмети, соопшти МВР.
Дел од пронајдените предмети се одземени за понатамошна постапка од страна на СВР Штип, додека останатите предмети се предадени на затворска служба за понатамошна постапка.