Светот се соочува со „катастрофа“ поради зголемениот недостиг на храна, изјави денеска генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш, кој преку видео-врска се обрати до учесниците на состанокот на Групата седум (Г7) економски најразвиени земји.
Гутереш истакна дека конфликтот во Украина дополнително го наруши глобалното снабдување со храна, кое веќе беше загрозено од климатските промени, пандемијата на коронавирус и големите економски разлики меѓу земјите, и предизвика „глобална криза со глад без преседан“ која веќе погоди стотици милиони луѓе.
– Постои реален ризик да се прогласи глад на неколку места во светот во 2022 година, а во 2023 година може да биде уште полошо, рече тој во видео-пораката до официјални лица од десетици богати и земји во развој, кои учествуваат на средбата на Г-7 во Берлин.
Генералниот секретар на ОН посочи дека жетвите во Азија, Африка и Америка ќе бидат засегнати бидејќи земјоделците во светот се борат да се справат со зголемените цени на ѓубривата и енергенсите.
– Овогодинешните проблеми со пристапот до храна би можеле да станат глобален недостиг на храна следната година. Ниту една земја нема да биде имуна на социјалните и економските последици од таквата катастрофа, тврди Гутереш.
Тој додаде дека преговарачите од ОН работат на договор кој ќе и овозможи на Украина да извезува храна, вклучително и транспорт преку Црното Море, и да и дозволи на Русија да пласира храна и ѓубрива на светските пазари без ограничувања.
Генералниот секретар на ОН повика да се воведат олеснувања за сиромашните земји во однос на нивниот долг за да им помогне да ја одржат економијата и го повика приватниот сектор да помогне во стабилизирањето на глобалните пазари на храна.
МИА
Фото: BBC.com