Капитенот на Вардар, Стојанче Стоилов изрази разочарување од одлуката на ЕХФ за исфрлање на македонскиот тим од Лигата на шампионите.
– Многу сум разочаран од одлуката на ЕХФ. Бездушно не кaзнија кога веќе се гледаше крајот на долговите и кога клубот застана на нога по неколку тешки години. Со добри засилувања за следна сезона и тешко освоена двојна титула, тие не вратија многу назад. И претходно имаше многу можности да не казнат, но ова што сега се случи во пресрет на новата сезона е чудно. Останувам во Вардар и ќе поминеме низ ова, изјави Стоилов.
Тој му порача на претседателот на клубот, Михајло Михајловски да остане во Вардар се до целосно средување на состојбата.
Стоилов им порача на сите кои можат и кои сакаат да му помогнат на двократниот европски шампион.
– Сум слушнал многу ветувања. Од тоа има нула помош. Барем ветените средства да се реализираат. Знам дека во услови на пандемија и војна тешко е во сите сфери. Не играме ЛШ, тоа е чекор назад. Сепак, ние сме Вардар, одиме повторно на титула, иако ќе биде многу тешко против Еурофарм Пелистер кој има респектабилна екипа, потенцира Стоилов на денешната прес-конференција.
Европската ракометна федерација (ЕХФ) на 17 јуни одлучи да го суспендира Вардар од Лигата на шампионите поради финансиски долгови кон поранешни играчи.
Од таборот на „црвено-црните“ информираа дека до денес кај нив нема стигнато никакво известување за покрената тужба против нив.