Европското патувачко кино го осветли небото над Штип – ММС
ММС

Објавено на: 06/25/22 10:47 PM

Европското патувачко кино го осветли небото над Штип

Со две нови проекции вечерва во Штип заврши „Европското патувачко кино под отворено небо“, кое во своето второ издание пред публиката донесе нови европски филмови. Филмскиот фестивал како загревање за Синедејс во овие два дена во Штип прикажа четири филмови, признаени од европската критика, по чии проекции следеше дискусија со публиката.
На отворањето синоќа, штипската публика под добро познатиот жолт чадор на Домот на млади го виде краткометражниот македонски филм на Тамара Котевска „Законот на шепите“ и долгометражниот филм „Атлас“ на Николо Костели.

„Законот на шепите“ или PAW LAW е 18 минутна приказна за борбата на мала група активисти за права на животните, предводена од упорната Магнолија, која раководи во импровизираниот дом за кучиња – скитници, каде се грижи за педесетина кучиња. Овој филм во Штип го следеше и евроамбасадорот Дејвид Гир, до чии нозе спокојно лежеше куче – миленик.

Вечерта продолжи со подолгата приказна за Алегра и нејзината борба да се одржи во живот свесна дека е единствената преживеана од четворицата пријатели, љубители на планинското искачување, која успеа да го преживее терористички напад во Мароко, во подножјето на планината Атлас. Филмот е базиран на вистински настан и во текот на целата приказна го има страдањето од актот на тероризам. Вечерта заврши со разговорот со Тања Милошевска, професор, Институт за безбедност, одбрана и мир, со научни интереси во транснационални закани по безбедноста, тероризам и организиран криминал, на тема: Насилен екстремизам и радикализам.

bsh

Оваа вечер беа прикажани краткометражниот македонски филм „Северен пол“ и долгометражниот филм „Вселенското момче“ кој раскажува за едно 11 годишно момче и неговата пасија за вселената и науката. Разговорот со Радан Митровиќ беше на тема: „Децата во науката“.
Европското патувачко кино под отворено небо, годинава прикажа шест нови европски долгометражни филмови и шест македонски кратки филмови во три градови во Македонија – Валандово, Кичево и Штип.