Секој има право на почит, достоинство, прифаќање без предрасуди и еднакви можности за самореализација. Парадата на гордоста е едно од значајните демократски случувања во Северна Македонија. Посакувам успешен и мирен #SkopjePride – порача денеска премиерот Димитар Ковачевски.
„Како Влада посветено работиме за да овозможиме добробит на сите граѓани – донесовме Закон за спречување и заштита од дискриминација каде влегоа и сексуалната ориентација и родовиот идентитет. Комисијата за заштита од дискриминација за прв пат има лица и од граѓанскиот сектор. Има уште предизвици, но заедно и посветено ќе ги решаваме и надминуваме“, објави на својот Фејсбук профил Ковачевски.
-Затоа, грижата и напорите кои ги вложуваме да обезбедиме афирмација и отворен простор за активно учество на ЛГБТИК+ заедницата остануваат наши патокази во градењето демократско општество кое практикува европски вредности и во кое има место за сите – додава Ковачевски.
Парадата на гордоста во Скопје ќе се одржи денеска од 17 до 19 часот под мотото „Излези за љубов! Достоинство. Еднаквост. Правда“.