АД ЕСМ понуди цена од 48е/МWh, цените на берзите достигнуваат до 360е/MWh – ММС
ММС

Објавено на: 06/25/22 10:50 AM

АД ЕСМ понуди цена од 48е/МWh, цените на берзите достигнуваат до 360е/MWh

АД ЕСМ понуди цена на произведената електрична енергија од 48 евра за мегаватчас за периодот јули-декември 2022г, а цената за претходното шестмесечје, јануари-јуни 2022г изнесуваше 41е/МWh, се вели во нивното соопштение..

Според АД ЕСМ, корекцијата на цената мора да се гледа во контекст на енормното зголемување на цените на енергенсите на глобално ниво, како и нивната недостапност, особено во период на грејна сезона. Цените на мазутот, јагленот, гасот и електричната енергија забележуваат исклучително поскапување и тешкотии при набавката, што влијае врз производната цена на електричната енергија од АД ЕСМ.

-Кога се анализира понудената цена од 48 евра за мегаватчас треба да се земе предвид дека цените за електрична енергија на берзата HUDEX за периодот јули-декември 2022г. се движат меѓу 320 и 360 евра за мегаватчас.  Доколку АД ЕСМ пресмета пазарна цена кон ЕВН Хоме тогаш крајната цена за граѓаните би била приближна до бројките од берзанските цени, информираат од АД ЕСМ и додаваат дека и натаму се обидува да одржува колку што може пониска цена и корекциите да бидат во рамките на тоа што е неизбежно за да се обезбеди функционалност на компанијата.

За периодот јули-декември 2022, ЕСМ ќе ги обезбеди вкупните количини на електрична енергија кои му се потребни на ЕВН Хоме, односно 100% да ги покрие потребите на граѓаните и малите потрошувачи (законот за оваа година го обврзува ЕСМ за 60%), како и  целосно покривање на техничките загуби во системот на ЕВН Електродистрибуција и целосно покривање на техничките загуби во системот на МЕПСО. Исто така, ЕСМ се обврза да обезбеди и дополнителни 10% енергија доколку ЕВН Хоме го побара тоа во текот на договорниот период.

Конзумот на ЕВН Хоме е зголемен за 27% , поради префрлањето на потрошувачи од слободниот на регулираниот пазар (деловни субјекти, општини, јавно осветлување).

-Од тие причини, АД ЕСМ го зголеми планот за производство на електрична енергија за 2022г. за 20% од производството во 2021година.  Дополнителните потреби на ЕВН Хоме и на ЕВН Електродистрибуција ќе ги задоволиме со дополнителна набавка на јаглен за зголемување на производството од термоелектраните Битола и Осломеј, како и обезбедување доволни количини мазут за работа на ТЕЦ Неготино, информираат од АД ЕСМ.