Загубите од пандемијата во штипската Клиничка болница се големи, за финансиско консолидирање се очекуваат средства од ребалансот на буџетот – ММС
ММС

Објавено на: 06/23/22 4:00 PM

Загубите од пандемијата во штипската Клиничка болница се големи, за финансиско консолидирање се очекуваат средства од ребалансот на буџетот

Намалена е сметката за струја на штипската клиничка болница за половина во однос на сметките што болницата ги доби од ЕВН како краен снабдувач, на почетокот на годината, кога само за месец февруари,2022 таа достигна 4 милиони денари. Истиот месец во 2021 година болницата платила сметка од 700.000 денари.

„Склучивме договор со нов набавувач на струја и од април сметката е многу помала од претходните две за разлика од оние од ЕВН како краен набавувач. Таа за април изнесуваше два милиони денари,“информира директорот на штипската Клиничка болница, Ален Ѓорѓијев.

Тој додаде дека болницата веќе постепени се консолидира финансиски.

Како и сите други ковид-центри и штипската клиничка болница како  сериозен ковид центар во изминатите 2,5 години, имаше сериозни финансиски импликации.

„Тука поминаа некаде над 3500 пациенти кои се лекуваа од корона. Настрадаа  и другите оддели, бидејќи се откажуваа интервенции и операции. Имаме првични информации и од Фондот и од Министерството за здравство дека со сегашниот ребаланс на буџетот, ќе бидат повторно префрлени одредени средства во Фондот за здравство, коишто ќе бидат пуштени на оние ЈЗУ кои сериозно беа погодени од ковид кризата, за надомест на дел од загубите,“ изјави Ѓоѓијев.

Тој додава дека додека не се стави крај на пандемијата, нема да се користи Модуларната болница за други цели. Во врска со тоа  што би било сместено во овој објект, вели дека во план е тука да се сместат оддели на патологија, на онкологија како и дел од амбулантите што ќе се отворат за нови дијагностички процедура.

Ѓорѓиев вели дека нема информација кога ќе биде ставен во функција акцелаторот, со оглед на тоа што тоа е во директна надлежност на Министерството за здравство.

По сервисирањето на апаратот на очното одделение како и по искористувањето на одморите на персоналот, од први јуни на очното одделение се одвиваат операции -катаракта на око и ти ќе се вршат до средината на јули.

 

Денес Детското одделение  на штипската Клиничка болница доби донација од  Лајонес клуб Македонија, апарат за дијагностика на епилепсија кај деца и возрасни. Со ваков апарат располагале само Прилепската болница и Скопските клиники, во приватните болница  користењето на ваквиот апарат за дијагностика било многу скапо.

„Станува збор за многу битна алатка во следењето на децата со разни видови развојни нарушувања и хронични главоболки за коишто нема органска основа. Ќе ни биде од голема помош за дијагностиката на голем број на состојби и на сите на кои што ќе им биде потребно ќе бидат поштедени од одење во Скопје “,  вели Емилија Шпритова, раководител на детското одделение при штипската Клиничка болница.