Екс градоначалникот, сега министер Бочварски без актуелниот Јорданов ја пушти во употреба крстосницата во Сењак – Штип – ММС
ММС

Објавено на: 06/23/22 2:32 PM

Екс градоначалникот, сега министер Бочварски без актуелниот Јорданов ја пушти во употреба крстосницата во Сењак – Штип

Кој дава пари, тој е главен. Ова беше позадинската порака од денешното пуштање во употреба на реконструираната крстосница во штипската населба Сењак од страна на министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски. Проектот вреден 12 милиони денари е на ова министерство, кое го води поранешниот градоначалник на Штип, Бочварски, кој на министерската функција замина од градоначалничката фотеља.
Новото сообраќајно решение е дел од Проектот за поврзување со локални патишта кое се реализираше преку Министерството за транспорт и врски.
Проектот опфаќа проширување и отворање на крстосницата меѓу улиците „Сремски Фронт“ и „Борис Крајгер“, комплетно нов асфалт, светлосна сигнализација која значително ќе ја зголеми безбедноста на оваа прометна крстосница, дополнително проширени тротоари за безбедност на пешаците и изградба на нова автобуска постојка.
-Денеска го означуваме пуштањето во употреба на овој значаен проект за граѓаните на Штип со што верувам дека и преку овој проект во континуитет покажавме како централната власт и Министерството за транспорт и врски најсилно го поддржува и го помага развојот на Штип. Посебно сум среќен затоа што се вложив лично како градоначалник од јавни расправи, до изработка на основен проект, како комплетна визија за овој дел од градот, па се до аплицирање во Транспорт и врски со цел добивање на средства за изградба на модерна крстосница во населба Сењак. Она што го ветивме, денеска е реалност“, изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
На настанот имаше претставник на Општина Штип, но не и градоначалникот Иван Јорданов.

Од неговиот кабинет соопштија дека Јорданов не бил поканет.


Обележувајќи го завршувањето на работите на крстосницата, Јорданов на својот Фејсбук профил објави фотографии со кратка информација:
-Населба Сењак доби современа и безбедна крстосница! Општина Штип ја согледа потребата од изработка на функционално решение и промена на првичниот проект. Заедно со Министерство за транспорт и врски го реализиравме проектот, кој ќе значи поголема безбедност и функционалност за граѓаните на Општина Штип, напиша градоначалникот Јорданов.
Министерот Благој Бочварски најави уште еден поголем проект за Штип преку Проектот за поврзување со локални патишта на Министерството за транспорт и врски, од чиј фонд до сега е завршена реконструкцијата на улицата „Панче Караѓозов“ со инвестирани 10 милиони денари.
-Наскоро започнуваат и градежните активности за реконструкција на улиците „Солидарност“, „5-ти Конгрес“ и „Браќа Даневи“, за кои ќе се инвестираат дополнителни 450 илјади евра. Следниот месец очекувам и започнување на градежни активности и за поставување на ограда на коритото на река Отиња со вредност од 5,5 милиони денари за што веќе го избравме изведувачот на работите, а по изборот на надзорниот орган влегуваме и овде во работа“, рече министерот Бочварски.