Љубов, ах колку убав збор. Толку многу емоции во него! Но што всушност е љубов? Љубовта е сила, движење, моќ. Таа дава крилја, те носи, те прави полетен, насмеан, среќен. Љубовта е слобода, радост, отвореност, искреност!
Ова е извадок од автобиографската книга на уметницата, Андријана Мациев која почина по двегодишната борба со карциномот. Книгата која таа не успеа да ја доврши, ќе биде довршена од нејзината мајка, пејачката Јулија Мациевска која најавува дека во таквите писанија ќе предочи какво е чувството да знаете дека душата на ближниот кој заминал на другиот свет, сè уште живее и овде.
„Поминаа четириесет дена траорни за мене и за Стефанија, ќерката на Андријана. Нема зборови со кои може да се опише што доживува мајката кога ќе го изгуби своето дете. Сепак, вербата и моето знаење за тоа каде оди душата после смртта, условно кажано смртта на нашето физичко тело во земниот живот, направи да погледнам на работите од друга перспектива“, вели Мациевска во својата искрена исповед за ММС.
Во чест на својата ќерка која замина порано, таа организираше изложба во Галеријата на Факултетот за ликовни уметности. Колеги, роднини, пријатели дојдоа да ги видат уникатните уметнички дела на Андријана, во чија чест, беше издадена и книга.
Емотивни стихови напишани на стотина страници ја пренесуваат љубовта и почитта кон оваа уметница која како што велат нејзините најблиски имала љубов за сите, поради што и книгата симболично е насловена така.
-Оваа книга „Љубов за сите“ е безвременска, бидејќи е обична, а оргинална. Андријана живее преку нас, затоа и не велам да живее споменот. Таа има голема мисија да го спаси човештвото. Ако е Бог љубов, Андријана е со Бог“ – порачува Мациевска.
Според неа, организацијата на постхумната изложба и издавањето на книгата се доказ дека се кренала од, како што вели, амбисот, за да го продолжи нејзиното дело.
„Андријана беше дојдена со мисија на земјата, со мисија отиде на небесата. Тоа се пораки кои ќе бидат напишани во некои други писанија. Ова направи да се почувствуваме ние живи. Човек кога ќе доживее такво нешто како што доживеав јас, за него како да завршува животот, се прашува која е целта на животот. Добро е кога ќе се кренеш, кога ќе најдеш мотив и начин да продолжиш понатаму, а сè со една мисла дека твоето дете е живо, дека само димензијата го менува својот облик, што и така е. Тоа е знаење кое јас не сум го измислила, меѓу другото, сè она што се случува, сè она што го добивам како пораки зборуваат дека да, Андријана е жива“, искрена е Јулија.
Таа е и долгогодишен тренер за личен раст и развој, па вели дека тоа и помогнало да разбере дека душата се јавува на разноразни начини.
„Луѓето не се навикнати да ги следат знаците и не се во тој потребен мир во кој може да бидат во допир со душата. Јас како тренер за личен раст и развој, знам што треба и во која состојба да бидеш за да ја слушнеш таа душа. Тоа не го може секој, треба човек да направи подем, да го сака тоа на поинаков начин. Ако постојано си во безизлезност и преголема траорност и без волја за живот, тогаш малку потешко се јавуваат душите од другата димензија. Тие доаѓаат кога ние сме во мир затоа што Бог е љубов, Бог е мир и бара од нас мир. Многу е тешко кога ќе го изгубите детето да најдете мир, јас само го молам бог во моите молитви да ми даде мир и тогаш доаѓам до чудесни спознанија“, додава Јулија.
Потсетувајќи се на последните денови кога ги повика луѓето да се молат за нејзината ќерка, таа вели дека им е преблагодарна на сите кои им дале поддршка во најтешките моменти.
„Дојдоа и свештеници во болницата. Андријана беше во една состојба во која мислевме дека не може да ги слушне. Таа ни покажа дека ги слуша и тоа беа чудесни моменти. Затоа велам, сè ќе има во некои писанија, таа е ангел небесен и мора да ѝ праќаме среќа, радост, возвишена музика и нејзината душа да го најде своето место таму каде што треба. Сè друго, секоја друга енергија е енергија која е ниска вибрација, преголема тага. Во етерот кога праќаме нешто за тој што ја напуштил оваа димензија треба да биде љубов, радост и мир затоа што таму каде што се душите на ангелите, како што е ангелска душата на Андријана, има вечен мир и спокој. Од таму тие нè чуваат, ни праќаат многу убави пораки и само така ќе ѝ помогнеме на душата да лета слободно и да ја шири својата мисија од пошироките димензии кои за многумина се невидливи, но тоа постои. Тие кои изгубиле свои блиски, треба да веруваат во Бога, да веруваат дека нивните сакани се ангели и дека ги чуваат од небесата затоа што сите што отишле таму и се вратиле, знаат каков мир владее таму“, порачува Јулија.
Вања Мицевска