Битолскиот професор Дејан Трајковски направи нова математичка анализа, која покажува неспорен нагорен раст на бројот на нови случаи на заболени со Ковид-19, кои се изразени по викендот пред Духовден (10-12 јуни).
Трајковски бројките ги илустрира со дијаграми – на првиот е седумдневната подвижна средина решително завртува нагоре.
-Веќе можеме да го лоцираме датумот на долот на бранот, односно почетокот на новиот бран, а тоа е викендот пред Духовден, 10-12 јуни. Дури и задоцнетите индикатори, 7-дневната и 14-дневната подвижна средина (на втората слика) покажуваат почеток на нов тренд. Убаво се гледа дека 7-дневната (брзата) подвижна средина ја пресече оддолу нагоре 14-дневната (бавната) подвижна средина, што обично рано индицира промена на трендот. Како и да земеме, на пример и преку бројот на активните случаи (фазниот портрет I-T, активни наспроти вкупно случаи, на третата слика), повторно гледаме рана промена на трендот, пишува Трајковски.
Слично стојат работите и со стапката на позитивни тестови, што денеска експлозивно порасна на 12,4% (на четвртиот дијаграм), повлекувајќи ја со себе нагоре и 7-дневната подвижна средина (црвената линија на истиот дијаграм).Избивањето на ефективниот репродукциски број Rt над единица, тој најран индикатор којшто ни покажа дека нешто се случува уште минатата недела, повеќе и не е нова вест (на петтиот дијаграм).Вака започнуваат сите бранови – најпрво со ползење, па со одење, за да завршат со галопирање – токму како инфлацијата. Моментално преминуваме од ползење во одење, но знаеме дека тоа е само почеток, објаснува Дејан Трајковски.
Сепак, како што објаснува, споредувајќи со Португалија, каде врвот на бранот помина, не би требало да надминеме 1000 нови случаи на ден, иако тоа не се знае, бидејќи засега нема услов за задолжително тестирање при излез од државата.
Вчера (22.06) ИЈЗ соопшти дека за 24 часа направени се 894 тестови, а регистрирани се 110 нови случаи на КОВИД-19: Скопје – 72, Битола – 8, Куманово – 6, Кавадарци, Штип и Неготино – по 4, Кочани – 3, Прилеп и Гостивар – по 2, Струмица, Кичево, Струга, Ресен и Богданци – по 1.
Од вкупниот број на позитивни (110), регистрирани се 18 реинфекции.
извор: ФБ Дејан Трајковски