„Пиво фест“ пред малку го објави првичниот список на музичари. Меѓу нив го нема Влатко Стефановски, но го има Ламбе.
Во врска со целодневните пишувања на социјалните мрежи дека настапот на Влатко е откажан по жеба на ВМРО ДПМНЕ, односно по ургенција на одредени личности од партијата, од Советот на фестивалот велат:
– Деновиве се водат интензивни состаноци и при крај сме со подготовките за овогодишниот “Пивофест”. Тече процесот на пријавување учесници и спонзори за самиот фестивал, а денес ја комплетиравме и првичната листа на учесници за сите фестивалските вечери, бидејќи преговорите со некои учесници завршија заклучно со денешниот ден, што било случај и во изминатите години. Сакаме да ги отфрлиме сите шпекулации за наводно откажани настапи од наша страна за некои од изведувачите. Со сите изведувачи и менаџери со кои комуницираме периодов имаме коректен однос, но дел од поканетите, поради веќе претходно закажани други ангажмани, нема да бидат во можност годинава да настапат на фестивалот. Никако не станува збор за откажани настапи од организаторот, нешто што како вест се шири од профили на социјалните мрежи. Ова го отфрламе како целосна шпекулација и невистина, со цел преку одредени профили по социјалните медиуми да се извалка името на целата манифестација и на истата да се даде друга димензија, рекоа за ММС од „Пивофест“ и додаваат:.
-Ние, во интерес на јавноста, како наша должност, редовно ќе информираме и објавуваме се што значи информации и податоци за фестивалот. Откако ќе се комплетира и комплетниот буџет, каде влегуваат и средствата од спонзорите на фестивалот, ќе ја објавиме и финансиската конструкција, со комплетниот буџет на фестивалот, каде влегуваат и хонорарите на ангажираните уметници, велат од „Пивофест“.
ММС повторно го побара Влатко, но тој се уште не е достапен за коментар.
Што се однесува до списокот на учесници, годинава, освен „Балканика“, „Дивље јагоде“ и „Галија“ сите вечери ќе настапат македонски изведувачи. Но, велат од фестивалот, и ова не е конечен список, бидејќи очекуваат потврда од уште неколку пејачи со кои се водат преговори. Поради притисок од медиумите ги објавуваат само имињата на досега потврдените.
Првата вечер планирани се Елена Петреска, Миле Кузмановски, Ален Хасановиќ, Наум Петрески, ДНК, „ЉубојнаЕ“, Џамбо Агушев и Бока Конга.
За втората вечер планирани се „Рок блуз бенд“, Џамбазов и Гуру Харе, „Нокаут“, „Ареа“, „Дивље јагоде“, „Брас брадрс“.
Терата вечево, во сабота вечер, за кога наводно бил планиран и Влатко, ќе настапат “Peachers”, „Некст тајм“, Лозано, Ламбе, Владо Јаневски и Вера Јанковиќ.
Последната вечер, во недела, фестивалот ќе го затворат Никола Зацески, Елена Велевска, Четкар, „Балканика“, Нино Величковски, „ТРемпера“, „Галија“ и „Меморија“.
На „Пивофест“ ќче има и стејџ2, но учесниците на оваа бина ќе бидат дополнително објавени.