Сообраќајната полиција во Штип казнува селективно, се жалат граѓани – Пријавете во внатрешна контрола, порачува СВР – ММС
ММС

Објавено на: 06/29/22 2:04 PM

Сообраќајната полиција во Штип казнува селективно, се жалат граѓани – Пријавете во внатрешна контрола, порачува СВР

Полицијата во Штип казнува селективно, велат наши читатели, кои имале непријатно сообраќајно искуство минатата недела на една од крстосниците во градот.

-На оваа раскрсницата, помеѓу улиците „Сремски Фронт“ и „Петта партиска конференција“,  која се реконструираше, а веќе од саботата е пуштена, постојано стојат полицајци и казнуваат. И се е во ред ако ги санкционираат прекршоците професионално,но не е така , велат читател на ММС.

-Ме сопре сообраќајна полициска патрола и ми побара документи,  без притоа да ме информира зошто ми ги задржува документите. Излегов од возилото и кога ги прашав ми рекоа дека по оваа улица не треба да се движиме и дека има поставено знаци. Во ред, моја грешка е, немам забележано. Но, додека службеното лице ми пишуваше казна покрај полицаецот, исто како мене,  си помина такси возило, кое не го сопреа. Поминуваа и други автомобили. По пет минути, бидејќи потпишувањето на моите документи траеше околу 15 минути, еден од полицајците запре сино возило. Но, во моментот истрча една жена во цивилка, која беше со нив,  и му рече да го пушти. И, секако, дека го пуштија без да му побараат документи и да му пишат казна како на мене. Не сум за неказнување, но сум против селективноста. Ако е забрането и казниво нека биде за сите, а не селективно, како што тоа го прави полицијата во Штип, вели наш читател, кој ни достави и фотографии од местото, а чие име е познато на редакцијата.

ММС побара објаснување од СВР Штип, од каде ни рекоа:

-Полицијата постапува професионално и има неселективен пристап во санкционирање на прекршоците. Тоа го покажуваат и редовните сообраќајни контроли, а резултатот на овие зајакнати контроли се бројот на регистрирани сообраќајни прекршоци кои ги објавуваме секојдневно.  Доколку некои од учесниците во сообраќајот не се задоволни од постапката на полициските службеници ги охрабрувам да дојдат во полиција и да пријават во Секторот за внатрешна контрола, ни рекоа од СВР Штип.

ММС