„Бидете внимателни за да не дојдете до колапс“ – Со д-р Милица Бубало за заштита на здравјето на високи температури – ММС
ММС

Објавено на: 06/25/22 10:00 AM

„Бидете внимателни за да не дојдете до колапс“ – Со д-р Милица Бубало за заштита на здравјето на високи температури

Пороен дожд, грмежи и засилен ветер најавуваат метеролозите за следните денови, кога нѐ очекува уште потопло време. Додека температурите се искачуваат речиси до 40-от степен, лекарите апелираат граѓаните да бидат внимателни и да излегуваат во периодот кога сончевите зраци се најинтензивни.

Раководителката на Службата за Итна медицинска помош во Скопје, Милица Бубало за ММС вели дека високите температури не го зголемиле значително бројот на повици и оценува дека граѓаните сѐ повеќе ги почитуваат советите и препораките од медицинските лица.

„На секој човек му влијае зголемената надворешна температура и луѓето покажуваат различни симптоми во зависност од возрасната група. Затоа препораката од наша страна секогаш со години наназад е да се внимава при високите температури, пред сѐ за да не дојде до колапс на самото тело, да се носи летна облека, светла облека, главата да биде покриена. Да се избегнува движење во периодот кога е највисока температурата од 10 до 17 часот, да се консумираат доволно течности и луѓето со хронични болести да си ја пијат редовно својата терапија, а доколку имаат проблем да се јават кај матичниот лекар и да си одат на контрола“, вели д-р Бубало.

Според неа, граѓаните треба да бидат внимателни и во однос на храната.

„Мора да се консумира лесна храна, да се чува во соодветни услови во фрижидер затоа што лесно може да се расипе и може да дојде до труење. Поради тоа треба да се консумира свежо подготвена храна секојдневно. И во тој дел треба да внимаваат граѓаните затоа што и на таков начин може да си го загрозат сопственото здравје“, додава д-р Бубало.

Таа вели дека здравствените проблеми кои настануваат поради покачувањето на температурите се различни и зависат од возрасната група.

„Покачувањето на надворешната температура доведува до покачување на температурата на телото, до главоболки, забрзана работа на срце. Симптомите не се специфични и не се конкретни, кај секој човек се различни зависно од здравствената состојба на пациентот. Може да се дојде и до покачување на притисокот и затоа граѓаните треба да внимаваат и да консумираат течности. Кај секој човек што е изложен на висока температура прво треба да дојде до оладување на телото, зависно од симптомите и зависно од годините, од здравствената состојба претходно. Многу фактори влијаат во однос на тоа за колку време телото би се опоравило од целата ситуација“, нагласува д-р Бубало.

Таа вели дека апелите од докторите години наназад, вродиле со плод и смета дека сѐ повеќе граѓани ги слушаат препораките. Во однос на тоа дали Итната медицинска помош има доволно капацитети за навремени здравствени услуги за сите кои имаат потреба од нив, раководителката на ИМП вели дека не би било на одмет да имаат дополнителни капацитети.

„Во овој период кога се користат годишните одмори сме преполовени, тоа се чувствува највеќе во јули и август, но секако се трудиме да излеземе во пресрет на граѓаните“, додава д-р Бубало.

Вања Мицевска