Од насилна смрт лани умреле 677 лица, најголем број самоубиства со бесење – Загрижувачка македонска статистика – ММС
ММС

Објавено на: 06/22/22 1:59 PM

Од насилна смрт лани умреле 677 лица, најголем број самоубиства со бесење – Загрижувачка македонска статистика

Од насилна смрт лани во државава починале 677 лица, што е за 54,6 проценти повеќе во однос на претходната година.

Како што објави денеска Државниот завод за статистика, умрените од насилна смрт учествуваат со 2,4  проценти во вкупниот морталитет.  Во структурата на умрените од насилна смрт според полот, и во 2021 година, како и во претходните години, поголемо учество имаат машките лица, и тоа 61,9 процент. Во вкупниот број случаи на насилна смрт, најголемо учество имаат „несреќните случаи“ со 83,3 проценти, „самоубиствата“ со 15,5  проценти и „убиствата“ со 1,2 проценти.

Во категоријата „несреќни случаи“, најголемо учество имаат умрените лица од „други надворешни причини за случајна повреда“ со учество од 65,1 процент во однос на вкупниот број случаи од насилна смрт. Кај категоријата „самоубиства“, пак,  најголемо е учеството на случаите кај кои смртта настапила поради „бесење, странгулација и суфокација“ со учество од 8,3  процент во однос на вкупниот број случаи од насилна смрт. Додека во категоријата „убиства“, случаите кај кои смртта настапила поради „обид за нанесување телесна повреда со истрел од друго и од неозначено огнено оружје“ и поради „обид за нанесување телесна повреда на неозначен начин“, учествуваат со по 0,4 проценти во однос на вкупниот број случаи од насилна смрт.

МИА