Серијата „Балканска приспивна песна“ (Balkan Ninnisi) која ги испреплетува животите на едно турско и едно македонско семејство ја доживеа својата премиера во Скопје.
Mакедонската публика имаше можност да ја погледне првата епизода на вчерашната премиера во Куршумли Ан во присуство на главните ѕвезди од ова филмско остварување.
-„Балканска приспивна песна“ е турската серија којашто се снимаше во Скопје и ќе продолжи да се снима. За продукцијата на TRT, оваа серија е еден од најзначајните проекти пред сѐ затоа што се снима надвор од Турција. Од двете страни на Вардар се раскажува за едно турско и едно македонско семејство и нивните случувања – беше порачано на вчерашниот настан.
Паралелно првата епизода премиерно беше прикажанa и за турската публика на телевизијата TRT 1. Предвидено е серијата да има 11 епизоди, но можно е да се снимаат и повеќе епизоди доколку рејтингот е висок. На неодамнешната прес конференција организирана пред премиерата, екипата соопшти дека снимањето се одвива во Скопје, но размислуваат да снимаат и во Охрид и во Битола.
Во новата турска серија главните улоги ги толкуваат Озлем Туркад, Емре Беј, Мерих Озтурк и Ердал Озијаџилар, кој пак играше во серијата Збогум Румелија која пред повеќе од 10 години се снимаше во Битола и околината.
„Балканска приспивна песна“ ја раскажува љубовната приказна на Јованка и Ертан и самата серија почнува со песната „Јовано Јованке“, прикажувајќи ги различните традиции на два различни народи.
(В. Ми)