Настапот на белгиското дуо „2manydjs“ го заокружи единаесеттото издание на Викенд медиа фестивалот во Ровињ.
Најзначајниот регионален настан од областа на комуникациската индустрија успеа да собере на едно место повеќе од пет илјади луѓе, а меѓу нив 550 новинари и 350 студенти. Посетителите имаа можност да посетат педесетина предавања, презентации и работнилници кои ги држеа стотина влијателни говорници од целиот свет.
Во изминатите три дена Фестивалот понуди креативни решенија за одредени деловни прашања. Покрај ова, во рамките на истиот по шести пат беа прогласени добитниците на дигиталната награда СоМо борец.
Работата на конкуренцијата ја oценуваше жири составено од дигитални експерти од најдобрите агенции во регионот, според кои голем број мали агенции успеале да остварат исклучително добри кампањи, кои како што рекоа тие предизвикуваат емоции кај публиката и го најавуваат она што ќе биде тренд следната година.