Рама, Ковачевски и Вучиќ се мислат дали да одат во Брисел – ЕУ киднапирана од Бугарија не е добра глетка – ММС
ММС

Објавено на: 06/21/22 4:13 PM

Рама, Ковачевски и Вучиќ се мислат дали да одат во Брисел – ЕУ киднапирана од Бугарија не е добра глетка

Ова е фрагмент од албанскиот премиер Еди Рама, кој во кратка објава на социјалните медиуми, кажа дека имале онлајн состанок со лидерите на Македонија и Србија и се’ уште не решиле дека ќе одат на Самитот на ЕУ во Брисел.

-Се чини дека уште едно „Не, извини!“ ќе биде она што ќе го слушнеме на крајот! Целата Унија киднапирана од Бугарија не е добар спектакл за гледање! Што да се прави таму?!“, порача Рама.

Утре претпладне ќе биде донесена финалната одлука, соопштува премиерот Димитар Ковачевски по разговорот со колегите од Албанија и Србија.

„Разговаравме за националните позиции на секоја од земјите, регионалните перспективи како и за динамиката на евроинтеграцискиот процес. Се согласивме дека по дополнителни интерни консултации, утре претпладне ќе ја донесеме финалната одлука за нашето учество на ЕУ-Западен Балкан самитот во Брисел.
Разговараме и за повеќе теми кои се важни за регионот и покренавме иницијатива за Агенција за привлекување инвестиции на Отворен Балкан, која ќе овозможи дополнителен економски развој за регионот. Тема беше и претстојниот саем за храна вино и туризам кој треба да се одржи во Белград, како и повеќе други теми кои произлегоа од последниот Самит на Отворен Балкан кој се одржа во Охрид“, напиша Ковачевски.

Коментирајќи ги предложените заклучоци за Самитот, Малинка Ристевска  – Јорданова, познавач на македонските ЕУ интеграции пишува за Мета:

Предложените заклучоци на Советот обезбедуваат две влезни точки за целосно спроведување на бугарските барања: 1. спроведувањето на билатералниот Договор за пријателство и соработка со Бугарија како еден од основните услови во преговорите и 2. внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав, напоредно со издвојување на правата на малцинствата како дел од Копенхагенските критериуми. За билатералниот договор се предвидува и посебен протокол, кој очигледно сѐ уште е нејасен, зашто на некои места во текстовите стои во заграда.

Самиот текст на предложените заклучоци кажува дека „следна меѓувладина конференција за отворање на преговорите“ ќе се одржи откако Северна Македонија ќе ги внесе Бугарите во преамбулата на Уставот – обврска што веќе ја презела нашата Влада. Оттаму, секакво радување на тргнувањето на ветото и поентирање на „конечно отворање на преговорите“ се чини излишно. Отворањето на преговорите во нашиот случај очигледно ќе биде процес, кој ќе трае подолго, пишува Ристевска  – Јорданова.