Дехидрацијата е состојба која подразбира да губите повеќе течности отколку што конзумирате, а вашето тело нема доволно вода и други течности за да ги извршува своите нормални функции. Кога една личност дехидрира, освен вода губи и електролити, како што се солта и калиумот кои се неопходни за основните телесни функции. Важно е да се внимава на тоа колку течности внесувате, особено ако поради топлото време многу се потите. Жедта е најочигледниот симптом на дехидратација, но некои други знаци не се толку очигледни. Според студија објавена во списанието „The Journal of Physiology“, телото со текот на времето се послабо ги детектира знаците на дехидратација. Постојат некои симптоми кои не би смееле да ги игнорирате.
Лош здив
Плунката има антибактериски својства, а дехидрацијата може да го попречи производството на плунка. Како резултат на тоа, количината на бактерии во устата може да се зголеми, што може да доведе до лош здив. Ова е една од причините зошто имаме лош здив наутро кога ќе се разбудиме. Производството на плунка се забавува за време на спиењето, поради што имаме непријатен вкус и мирис во устата бидејќи се зголемува количината на присутни бактерии. Затоа, следниот пат кога устата ќе ви се исуши и ќе имате лош здив, пијте вода.
Сува кожа
Сувата кожа јасно покажува дека ви треба вода. Во случај на дехидрација, кожата може да се исуши, а може да се појави и чешање.
Лошата исхрана и лошите дневни навики, кои вклучуваат консумирање алкохол и кофеин, може да ја „исцрпат“ водата од кожата.
Мускулни грчеви
Колку повеќе телото се загрева, без разлика дали е поради температура или вежбање, толку е поголема веројатноста дека ќе се појават грчеви во мускулите поради начинот на кој топлината делува на мускулите. Промените во електролитите како натриум и калиум, исто така, може да доведат до грчеви во мускулите.
Кога станува збор за ублажување на грчеви во мускулите, обичната вода можеби не е доволна. Студија од 2019 година објавена во BMJ Open Sport and Exercise Medicine покажа дека кога учесниците се хидрирале после вежбање со пијалок што содржи електролити, тие имале помала веројатност да имаат грчеви во мускулите.
Од друга страна, учесниците кои пиеле само обична вода имале поголема веројатност да имаат грчеви во мускулите.
Желба за благо
Во случај на дехидрација, поради недостиг на вода, другите органи како црниот дроб потешко ослободуваат гликоген и други компоненти, а тоа може да ја поттикне желбата за слатки.
Доколку мислите дека вашата желба за шеќер е последица на дехидрација, подобро е да се напиете вода пред да јадете нешто слатко.
Извор: rs.n1info.com