Прашањето за почеток на преговорите меѓу Македонија и ЕУ за членство во ЕУ воопшто не било покренато на редовниот состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ што се одржа во Луксембург, соопштуваат од бугарското МНР за агенцијата БГНЕС.
За прашањето не реагирал ниту заменик министерот за надворешни работи Васил Георгиев, кој ја претставува Бугарија на средбата. Украина била главната тема пред министрите за надворешни работи на Европа, за руската воена агресија врз Украина, фокусирајќи се на безбедноста на храната, односите на ЕУ со Египет, ситуацијата во Рогот на Африка и особено во Етиопија.
Советот расправа за воената ситуација во Украина и за нарушеното снабдување со пченица и друга храна од земјата, што директно ги загрозува резервите на храната на глобално ниво. Високиот претставник Жозеп Борел, кој потоа одржа прес конференција, исто така не кажа ниту збор за проширувањето на земјите од Западен Балкан, ниту имаше прашање од новинарите. Борел пред министрите го претставил Акцискиот план на ЕУ за решавање на геополитичките последици за трети земји од руската агресија врз Украина. Планот се заснова на пристапот Тим Европа и ги зема предвид специфичните предизвици на партнерите во различни делови на светот. Посебен акцент е ставен на краткорочните и долгорочните мерки за помош на земјите од Источното партнерство, особено на Република Молдавија и Грузија, како и на земјите од Блискиот Исток и Северна Африка, кои, како што стои во документот, се најмногу погодени од блокираните резерви на храна.
Министрите продолжуваат со работа и денеска и до вечер се очекува да бидат подготвени заклучоците пред претстојниот Самитот на ЕУ. Извесно е дека и на овој Самит Македонија не може да очекува поместување, бидејќи придвижувањето на ЕУ интеграциите зависат од Бугарија. Таму денеска се расправа за доверба на владата. Преовладуваат прогнозите дека владата на Петков може да падне, а со тоа и да се распушти Народното Собрание, кое одлучува за повлекување на ветото.