Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) го нарече срамно однесувањето на пратениците од владејачкото мнозинство членови на Комисијата за финансирање и буџет, кои се спротивставија на предлог амандманот на ССМ. На расправата за ребалансот на Буџетот, ССМ предлага со овој амандман да се предвидат средства за зголемување на платите на вработените во јавен сектор за 2806 денари.
-Срамните образложенија на пратениците од владејачкото мнозинство беа изразени преку вулгарни напади на околу 138.000 работници во јавен сектор кои според нив не заслужуваат плата, не работат, не се ефикасни и не придонесуваат, без да разберат дека истите тие работници и нивните семејства ги молат да ги гласаат на избори. Работниците во јавниот сектор мора да знаат дека за амандманот за зголемување на нивната плата гласаа : Бојан Стојаноски, Тони Јаревски, Зоранчо Јованчев, Жаклина Пешевска, Дафина Стојаноска, Рашела Мизрахи. Против работниците, против зголемување на нивната плата, против амандманот на ССМ гласаа: Лолита Ристова, Марија Кочовска, Панчо Минов, Марија Георгиевска, Драгица Ѓавочанова, Жаклина Лазаревска и
Бајрам Кадрија.Истовремено еден од пратениците Исмаил Јахоски не гласаше никако, пишува ССМ и реагира:
-Не е добро да не си на страната на работниците кои воедно се и гласачи, гласот против работниците е уште еден глас против политичката партија која ја претставуваш и уште еден ГЛАС ЗА ГЕНЕРАЛЕН ШТРАЈК кој поради овие 7 пратеници од владеачкото мнозинство започнува на 22.06.2022 година.
Денеска работниците ве молеа, утре ќе ги молите! Ги повикуваме сите работници кога ќе ги сретнат во партија овие 7 пратеници да ги прашаат како да преживеат и зошто се против нивната егзистенција и егзистенцијата на нивните деца и семејства, стои во соопштението на ССМ.