Сведочењето на тоа колку макотрпна понекогаш може да биде борбата за да се стане родител, ја поттикнало Љупка Ѓошева од Скопје да ѝ помогне на својата братучетка во обидот да се реализира како мајка. Оваа дваесет и четиригодишна девојка решила да даде дел од себе, односно да донира јајце клетка за да помогне во целта на нејзината прва братучетка и нејзиниот сопруг да добијат дете преку ин витро оплодување. За својот хуман гест, Љупка скромно вели дека тоа било логичен чекор во приказната на едни од најважните луѓе во нејзиниот живот. За Македонски медиа сервис таа раскажа како се одлучила на ова, како течел процесот и кои се недостатоците во домашниот здравствен систем, поради кои донацијата на јајце клетка и ин витро оплодувањето дополнително се комплицираат.
Како ја донесе одлуката за донација на јајце клетка, имаше ли некакво двоумење, размислување?
-Донесувањето на одлуката беше најлесниот дел. Мојата прва братучетка е постара од мене и веќе неколку години се трудат да станат родители со нејзиниот сопруг. Тие двајцата ми се многу блиски и тој проблем со неплодноста некако го имам сфатено како доста близок и ми е доста значајна тема. Досега имале неколку обиди за ин витро оплодување и за жал беа неуспешни. Пред година и половина по претпоследниот нивен обид за ин витро оплодување со нивни генетски материјали, којшто беше неуспешен, јас на двајцата самоиницијативно им кажав дека доколку проблемот поради којшто не успеваат нивните ин витро оплодувања е малата резерва или нискиот квалитет на јајце клетките на братучетка ми, јас сакам да им донирам мои јајце клетки.
Им кажав дека доколку прифатат, таа опција постои. После неколку месеци тие повторно се обидоа со ин витро оплодување со нивен генетски материјал и откако тоа беше неуспешно, братучетка ми ме праша дали сѐ уште важи мојата понуда. Секако дека сѐ уште важеше и така всушност ја започнавме процедурата која траеше доста долго. Искрено, донесувањето на самата одлука воопшто не го помислив. Тие ми се толку блиски што иако ова е хуман акт, јас едноставно гледав кон целта, а тоа е тие да се остварат како родители. Мојата донација за мене беше следен логичен чекор во нивната приказна.
Не се подразмислив воопшто кога дознав дека тоа би им било од помош. Ми беше сосема логично јас да им понудам нешто со што можев да им помогнам, а мене не би ми наштетило.
Јас првично кога ја соопштив понудата, сѐ уште немаа размислено на таква опција за оплодување, односно да не е со нивни генетски материјал, па секако дека беа среќни кога им соопштив.
Како се одвиваше тој процес, кои беа првите чекори кои всушност требаше да ги преземете за да стигнете до самиот момент на биомедицинско потпомогнато односно ин витро оплодување ?
-Беше доста комплицирано и беше доста долго. Јас бев личноста која даваше јајце клетки, а не и личноста којашто во овој момент се обидува да да стане родител. Таа тежина на тој проблем јас не ни можам да ја сфатам, искрено. Затоа и не ми беше особено тешка мојата страна од процедурата. Сѐ понатаму за потенцијалното оплодување и носење на плодот и сѐ друго, воопшто не го занемарувам и потценувам, но мојот дел не ми делуваше како тежок. Сепак, самата процедура во нашата држава е доста долга, а и скапа. Јас не ги подмирував трошоците, но од тоа што видов, покрај тоа што ни беше одобрено од Фондот, треба да се исполнат доста барања за сите кои ќе се одлучат за тој чекор.
Откако сите разговаравме и одлучивме дека ќе се направи ин витро оплодување со мои јајце клетки, прво ја одбравме болницата во која ќе се врши процедурата и добивме многу совети и насоки. Започна со тоа што има листа на критериуми коишто мора да бидат исполнети со цел да се аплицира во Фондот за здравство за покривање на трошоците за процедурата. Половина од тој список се медицински тестови и испитувања, а другата половина е правна документација – од обична копија на лична карта до советување со психолог и правник при крајот на процедурата.
Јас доста често одев на испитувања и за жал кај нас на државно, многу ретко има слободни термини во системот Мој термин, а на државно е значително поевтино. Затоа многу се пролонгираше нашата процедура, бидејќи чекавме и термин и резултати. Времето е многу значајно во вакви ситуации за парот кој се труди. Секако никој во таква ситуација не би сакал да седи и да чека и да дојде на ред за термин. Јас најмногу чекав термин за кариотип, тоа е генетско испитување. Додека чекав ред на Клиника разговарав со други жени коишто чекаа за да го прават истото испитување и јас се вчудоневидив кога видов дека имале секакви негативни искуства со државниот здравствен систем. Ако отидете во приватна болница е многу поскапо, па во ваква ситуација кога парот е соочен со многу трошоци како за лекови, така и за процедури, навистина повеќето се одлучуваат да почекаат.
Колку време ви беше потребно за да ја соберете соодветната документација?
-Минатата година во мај веќе имав почнато со медицинските испитувања, а самата пункција односно вадењето на јајце клетките беше кон средината на ноември. Во тие шест месеци ние континуирано работевме на собирање на сите потребни материјали. Тие си имаат и одреден рок, не смеат да бидат постари од шест месеци, а некои и помалку.
Во ноември беше пункцијата, таа мораше да почека нејзиното тело да биде во најидеална фаза. Таа цело време примаше терапии за да се подготви за ин витро оплодување. Беше оплодена со две јајце клетки. Оплодувањето беше успешно со една јајце клетка и дојде до срцева реакција на бебето, но за жал, го изгуби плодот.
Јас знаев дека постои ваква опција за донација на јајце клетки, но дефинитивно не бев информирана што сѐ е потребно и како функционираат работите во нашата држава. Јас сум најмногу за кревање на свеста и би сакала да зборувам на темата.
Според мене, тоа е само хуман гест. Мислам дека немаме доволно добра едукација на темата во основните и средните училишта, па и понатаму. Луѓе што се возрасни не знаат дека доколку е сѐ во ред со личноста и донира јајце клетка ништо не губи. Јас добив прашања од луѓе за кои очекував да знаат повеќе на темата. Убаво е да се каже дека е само хуман гест и личноста ништо не губи.
Според тебе, каде се клучните недостатоци во македонското јавно здравство кога се работи за оваа тема? Каде треба да се направи подобрување за да се охрабрат повеќе млади на ваков чекор?
-Ова е менлива работа, бидејќи и термините што ги немаше кога јас ги правев испитувањата, беа поради недостиг на реагенси, барем така ни беше кажано. Недостаток на реагенси за одредени испитувања, не би сакала да коментирам за цената за испитувањата, тоа медицинските работници си го знаат. Дефинитивно проблем е недостатокот на реагенси, што значително го намалува бројот на достапни термини. За жал, неплодноста е сѐ почеста, но за среќа, луѓето сѐ почесто одат на соодветни доктори. Самата процедура не можам ни да замислам колку е стресна и болна, па уште и да чекате со месеци за да направите испитувања, додека брзате со останатите резултати да не застарат.
Така беше и со нас. Ние „со последниот воз“ ги предадовме резултатите од сите испитувања, на петтиот или шестиот месец од првото испитување ги поднесовме во Фондот. Потоа чекавме и долго време одговор, затоа што нивните заседанија мислам дека се еднаш во месецот.
Луѓето кои се во толку стресна ситуација чекаат на државата, а времето за нив е многу значајно. Голем дел од тие испитувања, како за потенцијалниот донор, така и за потенцијалните родители, се врзани со време. Некои испитувања мора да се направат во одреден ден од циклусот, од месецот.
Значи зборуваме за проширување на семејства, а институционално заглавуваме…?
Да, државата секогаш е за зголемување на наталитетот, но не излегува целосно во пресрет за луѓето кои имаат некаков проблем во врска со ова.
Во Фондот има комисии кои ги разгледуваат сите случаи и одлучуваат кои ќе ги одобрат. Фондот донесува одлука за рефундација.
Твоето јавно говорење е твој придонес кон зголемување на свеста за оваа тема. Според тебе, што друго може да се направи за да ги едуцираме пред сѐ младите, каде треба да се работи?
-Мислам дека во основното и во средното образование немаме доволно информации на овие теми. Мислам дека сите треба да се залагаат сами, да се обратат до здруженијата или кај професионалци и медицински лица за да го дознаат се она што не го знаат. Исто така, мислам дека е значајно од помлади години да се оди на редовни гинеколошки прегледи. Нашиот регуларен преглед не опфаќа преглед за плодност, туку прво се оди превентивно против потенцијални инфекции, болести и слично.
Доколку сакаме да се оствариме како родители, треба да се разговара со матичниот гинеколог, да се направи некое потребно испитување затоа што секој може да се изненади пријатно или негативно, за жал, од резултатот.
За девојките има едноставен хормонален тест, односно испитување за сите хормони на Клиничка биохемија на Клиниката во Скопје. Тестот е по пристапна цена и секоја девојка може да види со какви резерви на јајце клетки располага. Голем дел од младите би сакале да се остварат како родители, но веруваат дека се во одлично здравје и веруваат дека тоа би можеле безгрижно да го направат кога ќе сакаат. Но ако некој е во одлично здравје не значи дека и репродуктивниот дел е сосема одличен и соодветен за остварување како родител.
Кога би се правеле вакви испитувања, можеби некој би ја забрзал одлуката да стане родител, или едноставно да се знае информацијата е доволно. Мислам дека едукацијата не е доволно спроведена во нашето образование, а мора да сме поиницијативни и да сме свесни дека не секогаш може да направиме сѐ кога ние ќе посакаме и како што ќе сакаме.
Каква беше улогата на здружението „До бебе по патот на ин витро“ во целиот овој процес, на кој начин невладиниот сектор ви помогна?
-Братучетка ми е член на здружението „До бебе по патот на ин витро“. Јас покрај неа бев запознаена со нив, а во нашата процедура за донацијата и оплодувањето тие беа тука. Доста пати се обративме кај нив, така што кога имавме прашања, ние впрочем имавме каде да се обратиме.
Вања Мицевска
Фото: Приватна архива