„Францускиот предлог“ вечерва пред амбасадорите на ЕУ во Луксемебург – ММС
ММС

Објавено на: 06/20/22 8:28 AM

„Францускиот предлог“ вечерва пред амбасадорите на ЕУ во Луксемебург

Амбасадорите на Европската унија вечерва ќе се сретнат во Луксембург за да разговараат за таканаречениот „француски предлог“ за решавање на спорот меѓу Бугарија и Македонија и почеток на преговори за членство со Скопје и Тирана. Ставот на Бугарија за преговарачката рамка предложена од француското претседателство се очекува да го искаже Комисијата за надворешни работи на Националното собрание, откако Владата на 15 јуни ги усвои сите одлуки за спорот со Македонија од бугарските пратеници, соопштуваат бугарските медиуми.

Доколку Бугарија вечерва покаже позитивен став за предлозите на француското претседателство, утре се очекува Советот за општи работи да ги одобри преговарачките рамки и придружните документи, а Самитот за Западен Балкан в четврток да ги одобри датумите за почеток на преговорите, јавува БНТ.

Француското претседателство и европските институции ги прифатија барањата на Бугарија за Македонија и ги вклучија во преговарачката рамка.

Промената на македонскиот Устав ќе обезбеди почитување на правата на Бугарите таму, што ќе го следи и Европската комисија, што вклучува и дискриминација и говор на омраза, потоа спроведување на билатералните договори меѓу Бугарија и Македонија, како и заедничка декларација за македонскиот јазик.
Официјално македонската страна не го коментира „францускиот предлог“. Премиерот Димитар Ковачевски кажа дека по изјаснувањето на бугарското Народно собрание, предлогот треба да биде разгледан и одобрен од сите земји членки. Опозицијата е против, додека денеска граѓанскиот сектор, кој ги следи македонските евроинтеграции организира презентација на документот „Бугарското вето на македонските евроинтеграции: какво јаболко може да загризе Македонија?“. Институтот за демократија (ИДСЦС) и Институтот за европска политика (ЕПИ) соопштуваат дека документот има за цел да ја информира општата и политичка јавноста и да го изостри нејзиниот фокус за суптилностите кои евентуалниот компромис со Бугарија мора да ги земе предвид.