Малото село Нивици (Псарадес) на брегот на Преспанското езеро од грчка страна, кое можеби пред четири години и не беше толку познато за јавноста, од 17 јуни 2018 година стана симбол и асоцијација за Договорот од Преспа, откако токму таму беше потпишан договорот кој многумина го сметаат за историски, но и модел за мирно решавање на споровите, бидејќи стави крај на речиси 30 годишниот спор меѓу две соседни земји, јави дописничката на МИА од Атина.
Договорот го потпишаа тогашните министри за надворешни работи на Северна Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.
Осум месеци по потпишувањето и откако беше ратификуван во двете земји, Договорот, на 12 февруари 2019 година, стапи во сила.
Согласно договореното, Република Македонија се преименуваше во Република Северна Македонија, државјанството стана македонско/државјанин на Република Северна Македонија, а јазикот македонски.
Договорот од Преспа го отвори патот за интеграција на нашата земја во евро- атлантските институции, но и го подигна нивото на билатералните односи меѓу Северна Македонија и Грција.
Северна Македонија стана 30-та членка на НАТО и сега веќе со Грција се сојузници во Алијансата, а токму грчките воени авиони се одговорни за надгледување на македонскиот воздушен простор.
Паралелно Преспа ги одмрзна односите меѓу двете земји и четири години подоцна се на завидно ниво, како од политички, така и од економски аспект.
Во изминатите четири години односите меѓу двете соседни земји се значително подобрени, без разлика на промената на власта во Грција и промените во македонската Влада.
Билатералните односи се на високо ниво, со можност и за дополнително продлабочување и подобрување.
Грција е еден од најсилните поддржувачи на европската перспектива на земјата, нешто што и јавно во изминатиот период го истакнуваа претставници на грчкиот државен врв.
Билатералите политички односи влегоа во нормален тек
Решението на спорот со името целосно ги нормализираше билатералните политички односи кои влегоа во нормален тек, со редовна и активна меѓусебна комуникација, со средби и посети, а резултираше и со прва официјална посета во Грција на претседател на Северна Македонија, како и прва официјална посета на грчки премиер на земјава.
Во октомври 2021 година, претседателот Стево Пендаровски беше првиот шеф на државата кој ја посети Грција и со високи почести беше пречекан во Атина, додека пак помалку од една година по потпишувањето на Договорот, во април 2019 година, тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас го посети Скопје и се одржа првиот совет за соработка на високо ниво кој го сочинуваат претставници на двете Влади, заеднички предводен од премиерите.
Премиерите на Северна Македонија, како претходниот, Зоран Заев, така и актуелниот Димитар Ковачевски неколку пати беа во Грција, на различни настани во земјата, а во изминатите три години, откако Нова демократија е на власт, се сретнуваа со актуелниот грчки премиер Кирјакос Мицотакис.
Шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас три пати беше во Скопје, министерот за надворешни работи Бујар Османи неколку пати ја посети Грција, а истото беше случај и со други министри од Владата, кои учествуваа на разни настани и конференции кај јужниот сосед.
Сепак, она што доцни е одржувањето на вториот совет на високо ниво, ратификација на трите меморандуми за соработка во грчкиот Парламент, а она што се уште не е реализирано е официјална посета на Северна Македонија на претседател на Грција.
Согласно Договорот од Преспа, Советот за соработка на високо ниво предводен од премиерите на двете земји, „ќе се состанува најмалку еднаш годишно и ќе биде надлежно тело за правилно и делотворно спроведување на оваа Спогодба и Акцискиот план кој ќе произлезе од истата“.
Првата и единствена меѓувладина седница беше одржана во Скопје во април 2019 година, при посетата на тогашниот премиер на Грција Алексис Ципрас.
Иако многумина очекуваа дека промената на власта во Грција на само една година по Преспа, ќе донесе и промени во однос на Договорот, сепак, Владата на Нова демократија, веќе три години, не само што го почитува договорот, туку и соработува со македонската страна.
-Станува збор за меѓународен договор, а Грција ги почитува меѓународните договори, е ставот на официјална Атина во однос Договорот од Преспа, со оглед на тоа дека владејачката Нова демократија во периодот додека траеја преговорите, кога беше потпишан договорот и за време на ратификацијата во Парламентот, беше опозиција и беше категорично против.
Почеток на енергетска соработка
Освен економската соработка, која постоеше и пред Договорот од Преспа, Северна Македонија и Грција ја започнаа и енергетската соработка, со договорот за изградба на интерконекторот за природен гас што ќе ги поврзе двете земји, како и учеството на земјава во изградбата на терминалот за течен природен гас (LNG) во грчкиот град Александруполи.
Проекти планирани пред руската инвазија во Украина, чија важност особено се нагласува по почетокот на војната.
Во јули минатата година министерот за економија на Северна Македонија Крешник Бектеши и министерот за животна средина и енергија на Грција Костас Скрекас го потпишаа договорот за развој на интерконекцијата за природен гас меѓу двете земји, по што следеше и договор за соработка за развој и изградба на интерконекторот за природен гас меѓу извршниот директор на Националните енергетски ресурси (НЕР) Бајрам Реџепи и главната извршна директорка на Грчкиот национален оператор за пренос на гас ДЕСФА Мариа Рита Гали.
Почетниот капацитет ќе биде 1,5 милијарди кубни метри годишно, со можност за проширување до 3 милијарди кубни метри годишно, спроведени се и студии со цел гасоводот да има соодветни спецификации за транспорт на зелен водород, а проектот се проценува дека ќе чини околу 110 милиони евра.
Грчкиот град Александруполи, според официјална Атина, се стреми да стане енергетски хаб во регионот преку изградбата на терминалот за природен течен гас, што ќе помогне во диверзификација на изворите за снабдување со природен гас, не само за Грција, туку и за регионот.
Во големиот проект учествува и Северна Македонија, а минатиот месец во присуство на и премиерите на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на Грција, Кирјакос Мицотакис, на Бугарија, Кирил Петков, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, како и на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, се одржи свечена церемонија по повод започнување на реализацијата на изградбата на конкретниот терминал што се очекува да заврши за околу една и пол година.
Патот до Преспа
Спорот за името почна веднаш по осамостојувањето на Македонија и нејзиниот прием во ОН, на 8 април 1993 година. Поради противењето и притисоците од Грција, која не го прифаќаше уставното име, зачленувањето во ОН беше под привремената референца Поранешна Југословенска Република Македонија.
Преговорите меѓу Македонија и Грција за спорот кој траеше 27 години се обновија кон крајот на 2017 година, по речиси тригодишен застој, а по почетните средби на медијаторот Нимиц со преговарачите од двете земји, преговорите се подигнаа на повисоко ниво, на ниво на шефови на дипломатии.
Тогашните премиери на двете земји Зоран Заев и Алексис Ципрас ја имаа првата тет-а-тет средба на Светскиот економски форум во Давос на почетокот од 2018 година, каде беа направени првите отстапки: нашата земја да ги преименува аеродромот и автопатот, а јужниот сосед да ја деблокира втората фаза на земјата во процесот на Стабилизација и асоцијација со ЕУ и да овозможи наше членство во Јадранско- јонската иницијатива.
По Давос следеа низа средби на шефовите на двете дипломатии, со или без посредникот Нимиц, директни преговори, разговори, консултации, а клучна во преговорите беше средбата Заев- Ципрас на маргините на Самитот ЕУ- Западен Балкан, кој се одржа во Софија за време на бугарското претседателство со Унијата.
На 12 јуни 2018 година Заев и Ципрас во телефонски разговор го потврдија договореното, потоа ја информираа јавноста во своите земји, а пет дена подоцна беше потпишан Договорот.
Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност на Обединетите нации за престанување на важноста на Времената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните е официјалниот наслов на Договорот.
Во селото Нивици, на свечената церемонија во на 17 јуни 2018 година потписите на Договорот ги ставија тогашните шефови на двете дипломатии, Димитров и Коѕијас, кои воедно беа архитектите на Договорот, ги усогласуваа ставовите, особено откако преговорите се подигнаа на ниво на шефови на дипломатии.
Со членот 7 се прави јасна дистинкција дека поимот Македонија и македонски во Грција го означува Хеленскиот дел од историјата. Утврдено е дека Македонија и македонско во наш контекст ги отсликува нашата територија, нашиот јазик, народ со сите атрибути, историја, култура и наследство – различни од оние во Грција.
МИА