Штип танцуваше – Се одржа Интернационалниот натпревар Dance Cup – ММС
ММС

Објавено на: 06/16/22 1:49 PM

Штип танцуваше – Се одржа Интернационалниот натпревар Dance Cup

Интернационалниот натпревар Dance Cup Stip  по втор пат  се одржа во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип, во организација на студиото за модерни танци „Урбан Кру“.

Во првата реализација на проектот, учество зедоа 100 деца и млади само од Источниот Регион на нашата земја, каде натпреварот беше конципиран за изведба само на соло натпреварувачи. Оваа година, односно во втората реализација на проектот учество зедоа 780 натпреварувачи од 15 танцови клубови од државава. Натпреварувачи имаше од Штип, Кочани, Пробиштип, Велес, Скопје, Струмица, Куманово, Градско, Битола.

Кореографиите на натпреварот беа оценувани од лиценцирани национални и интернационални судии. Натпреварот се одржуваше 12 часа во неколку блока во текот на целиот ден . Во склоп на проектот имаше и успешна работилница со селекторот на проектот во која што учество зедоа деца над 12 години. На крај од работилницата сите учесници добија сертификати за успешна реализација на часот.

-Одлуката за изборот да се имплементира ваков тип на настан во Штип е донесена врз база на културниот потенцијал кој го има Штип, како град-центар во источниот регион. На ваков начин директно учествуваме во процесот на децентрализација во културата, која всушност претставува една од стратешките цели на Министерството за култура според Националната стратегија за развој на културата во периодот 2018-2022 година, велат од организацијата.

Организацијата беше на Ана Марија Адраманува и националниот центар за култура „Ацо Шопов“ Штип, каде главен организатор беше директорот Горан Трајков.