Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на прес- конференција информираше дека Министерството за економија ги подготви измените и дополнувањата на Правилникот за обновливи извори на енергија со кои се овозможува граѓаните и компаниите да произведуваат електрична енергија на нивните покриви и да ја продаваат на откупувачот и дистрибутер на електрична енергија.
Овие измени како што кажа министерот Бектеши стапуваат на сила утре, со објавување на Правилникот во Службен весник.
„Со Правилникот за обновливи извори на енергија донесен од страна на Министерството за економија, согласно Законот за енергетика во 2019 година се воведуваат производителите-потрошувачи како нови учесници на пазарот. Согласно Правилникот потрошувач-производител е домаќинство, мал потрошувач, буџетски корисник кој може да изгради постројка за производство на електрична енергија од обновлив извор на енергија, при што произведената електрична енергија ја користи за сопствена потрошувачка, а вишокот на произведена електрична енергија го предава во електродистрибутивната мрежа. Досега потрошувач-производител може да го предава вишокот на произведена електрична енергија во електродистрибутивната мрежа ако, меѓудругото, не е снабдуван со електрична енергија од универзалниот снабдувач, кажа министерот.
Според него, со овие измени, се овозможува секое домаќинство, мал потрошувач и буџетски корисник корисник да склучи договор за снабдување и предавање на вишокот на произведена електрична енергија со кој било снабдувач со електрична енергија, вклучително и со универзалниот снабдувач, при што вишокот на преземента електрична енергија во пресметковниот период е просечната набавна цена на електричната енергија која универзалниот снабдувач ја набавува за снабдување на домаќинствата и малите потрошувачи.