Ламбе Алабакоски е на слобода, но му се одземени двата пасоши, македонскиот и американскиот и не смее да ја напушта државата.
Денес истече притворот за Ламбе, кој на четврти јуни ја потпалил вратата на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола. Ламбе се товари за кривичното дело предизвикување на општа опасност, но неговиот адвокат Дарко Стефановски за ММС рече дека како мерка на претпазливост одеземен му е пасошот.
-Ламбе не смее да ја напушта државата. Моја претпоставка е дека процесот ќе почне кога ќе завршат одморите и тогаш ќе се знае. Нема потреба од брзање, не е итен притворенички процес. Претпоставувам во август или септември да почне процесот, но, сепак, тоа е само моја претпоставка, вели адвокатот Дарко стефановски.
ММС го праша Стефановски дали е тој некој од адвокатите, кој на Ламбе на седми јуни му понудија бесплатна правна помош.
-Не сум се нудел и не сум се рекламирал на Фејсбук, не ми треба реклама, рече Стефановски за ММС.
Го прашавме и како се чувствува Ламбе, после се низ што помина и што го очекува.
-Ламбе е добар, сосемејството е и тој, како и јас не брзаме со претпоставки што ќе се случи понатаму, ни рече Стефановски.
По враќањето од Америка Ламбе беше подготвен да ја врати својата кариера, која ја имаше пред да замине. Тој дури неколку дена пред да го уапсат се пофали дека новата песна е веќе готова.
-Прво што направив кога се вратив е што снимив нова песна. Песната се вика „На чекор до брегот“, која ја работев со Димитар Атанасовски и Александар Тарабунов. За оваа песна веќе е снимен и спот, ни рече Ламбе на последната прес конфереција за концертот на „Меморија“, каде требаше да биде гостин.
Едноставно се беше подготвено Ламбе да им се врати на настапите, а тоа и ќе се случи. Прашање на време е.
Алабаковски беше упасен на седми јуни, а два дена по изрекувањето на мерката притвор таа беше преиначена во куќен притвор во траење од осум дена, кои денес истекоа.
(В.М.)