Бројот на свештеници обвинети за злоупотреба, како и бројот на нивните малолетни жртви во бискупијата Мунстер во Западна Германија е значително поголем отколку што се мислеше, покажува студија.
Истражувањето траеше две години и го спроведе петчлен тим од Универзитетот во Мунстер. Резултатите покажуваат дека во периодот од 1945 до 2020 година речиси 200 припадници на свештенството сексуално злоставувале 610 малолетни жртви. Бројот на злоставувачи сочинува 4,17 отсто од вкупниот број свештеници во таа епархија.
Имајќи предвид дека бројот на непријавени случаи на злоупотреба веројатно ќе биде значително поголем, истражувачите проценуваат дека имало меѓу пет и шест илјади жртви.
Самиот црковен систем одигра важна улога во злосторствата, вели авторот на студијата, историчарот Томас Гросбоелтинг.
„Љубовта кон Бога и љубовта кон ближниот беа изопачени”, рече Гросбоелтинг на презентацијата на студијата.
Жртвите на злоставувањето биле на возраст од 10 до 14 години и главно биле момчиња. Не можеа да се спротивстават на системот, не им се веруваше, истакна авторот на студијата.
Авторот на студијата истакнува дека не се точни наводите на починатиот епископ Рајнхард Летман, кој зборувал само за поединечни случаи. Како што покажува оваа студија, злоупотребата се случувала систематски, во сите делови на епархијата.
Гросбоелтинг исто така наведува дека многумина знаеле што се случува. Тој особено се осврна на проблемот со прикривање на злосторствата од страна на Црквата.
Истражувачите велат дека врз основа на некои случаи, можно е да се докаже децениски неуспех во раководството на епархијата, како и попречување на правдата.
Во последниве години, беа објавени извештаи од други делови на Германија кои ги покажуваат неуспесите на Црквата да спречи и санкционира сексуална злоупотреба од страна на свештениците.
МИА
фото: