Триумфот над Монпелје нема да биде вреден ако не се победи Кристијанштад – ММС
ММС

Објавено на: 09/22/18 11:50 AM

Триумфот над Монпелје нема да биде вреден ако не се победи Кристијанштад

Вардар денеска го игра првиот домашен натпревар од Лигата на шампионите, во „Јане Сандански“ од 17:30 часот гостува Кристијанштад.
Тимот на Парондо денеска треба да ја потврди одличната игра против Монпелје и да триумфира против екипата која веќе шест пати губела од Вардар. Во спротивно сјајот од триумфот во Франција ќе избледи.
Вуко Борозан кој одмараше во СЕХА лигата, ќе биде во стартниот состав за дуелот со Кристијанштад, ќе недостасуваат само повредените Стоилов и Горбок. Приновата на голманската позиција, Халифа и овој пат нема да биде составот, па резерва на Милосављев ќе му биде Кизиќ.
Кристијанштад е добро познат противник на Вардар, во изминатите три сезони овие екипи играа дури шест пати, македонскиот тим секогаш победуваше, но тоа е екипа која знае да биде тврд орев и за најдобрите.
„ Го заборавивме натпреварот против Монпелје. Не сакаме да гледаме назад и секој меч е важен за нас. Сакаме да победиме на овој натпревар, и се соочуваме со тим кој има искуство од неколку години со настапи во Лигата на шампионите. Тоа е екипа која игра различен ракомет со многу брза игра, контранапади, висок интензитет. Ако падне концентрацијата тогаш нема назад и затоа мораме да играме концентрирано. Ние го сфаќаме противникот сериозно и ќе се обидеме да го одиграме натпреварот на исто ниво од прва до последна минута, вели Тимур Дибиров.
Натпреварот меѓу Вардар и Кристијанштад нема да биде пренесуван на македонска телевизија, само оние кои имаат „Арена“ ќе можам да го гледаат преку малите екрани. Па оние кои сакаат да го видат новиот лик на црвено-црните ќе треба да дојдат во салата „Јане Сандански“.