Зошто не е конфискувана зградата на „Бетон“ како и на ВМРО ДПМНЕ праша Мицкоски – ММС
ММС

Објавено на: 06/10/22 2:00 PM

Зошто не е конфискувана зградата на „Бетон“ како и на ВМРО ДПМНЕ праша Мицкоски

ВМРО ДПМНЕ правдата веројатно ќе ја бара кај Судот за човекови права во Стразбур, а ќе ја обжали одлуката на Кривичниот суд за конфискување на партиското седиште и на уште триесетина ограноци низ државата, соопшти лидерот Христијан Мицкоски. Тој оцени дека судењето е монтиран политички процес во режија на СДСМ, а ВМРО ДПМНЕ иако не беше странка во процесот, остана без вреден имот.

Мицкоски вели дека истечен е рокот за да се води било каква постапка за овој предмет, кој според него е поднесен незаконито од неовластен тужител, надвор од рокот од 18 месеци, од страна на сега осудената со правосилна пресуда за рекет, поранешната СЈО Катица Јанева, односно обвинението е поднесено по истек на 16 месеци од овој рок.

-За ваквите процесни дејствија Врховниот суд веќе има заземено став дека истите се незаконити и практично водени од неовластен тужител. ВМРО-ДПМНЕ во овој предмет не е обвинет, односно не е странка во постапката, а со пресудата се одзема имотот на ВМРО-ДПМНЕ, со што се повредува уставно загарантираното право на сопственост, без да при тоа се сослуша претставникот на политичката партија согласно одредбите од законот за кривичната постапка, рече Мицкоски на денешната прес конференција.

Според него, Кривичниот суд надвор од негови надлежности поништи Договор кој ВМРО-ДПМНЕ го склучила со правното лице АД Бетон Скопје, при што го конфискуваше исклучиво делот кој е сопственост на партијата.

-Во најмала рака е нелогично како овој договор е незаконит само за ВМРО-ДПМНЕ и се конфискува имотот кој го стекнала партијата, а е законит партнерот во тој договор и не му е имотот конфискуван. Уште една нелогичност е дека предмет на конфискација е исклучиво објектот сопственост на партијата, а не и земјиштето на кое објектот е изграден. ВМРО-ДПМНЕ на предметната локација имаше објект познат помеѓу своите членови и граѓаните во Македонија како „Жолтата зграда“ кој за никого не е спорно дека припаѓаше на партијата. Се поставува прашањето  што со тој објект? Со ваквата пресуда ВМРО-ДПМНЕ е двапати незаконито оштетен, еднаш за новиот објект и еднаш за стариот објект неспорен за никого дека припаѓаше на ВМРО-ДПМНЕ, смета Мицкоски.

Според него, вистинската причина за одржувањето на едно вакво судење е „падот на рејтингот на власта на СДСМ и ДУИ, а убедливото водство на ВМРО-ДПМНЕ на сите анкети и зголемената доверба“.