Зошто има застој на делницата Катланово-Велес, а директорот на Јавни патишта се пофали дека има пари за реконструкција – ММС
ММС

Објавено на: 06/9/22 2:04 PM

Зошто има застој на делницата Катланово-Велес, а директорот на Јавни патишта се пофали дека има пари за реконструкција

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми се обрати на Самитот за патишта на Западен Балкан 2022 што се одржува во Тирана и говореше за „Можностите и предизвиците на управувањето со патиштата во Северна Македонија” на панелот посветен на темата „Поврзување на точките, улогата на управувањето со податоците во обезбедувањето на попаметни патишта”.

Во своето обраќање Рустеми потенцираше дека патната инфраструктура е највредното средство што го поседува јавниот сектор, која истовремено ја поддржува економијата на државата затоа поврзувањето преку добра, модерна и функционална патна инфраструктура е од исклучителна важност.

– И токму затоа во тек е интензивна работа на изградба, реконструкција и рехабилитација на 40-тина патни правци со вкупна должина од над 540 километри за што Јавното претпријатие за државни патишта обезбеди 360 милиони евра од кои 46,5 милиони евра од буџетот на ЈПДП, а инвестиции од странски кредити обезбедивме 216,5 милиони евра. Овој факт говори дека ние како инвеститори во име на Владата реализираме крупни капитални инвестиции кои ќе бидат влог за идните генерации бидејќи инфраструктурното поврзување меѓу градовите, населените места, селата и регионите значи создавање на услови за поквалитетно поврзување со регионот и обезбедување на развој на економијата, изјави Рустеми во Тирана.

Овој инвестициски циклус, како што најави, ќе го заокружиме со изградбата на 130 километри автопатишта кои им ги доверивме на американско-трускиот конзорциум „Бехтел и Енка” кои наскоро треба да почнат со активности бидејќи процедурите се при крај. – Нивна главна задача ќе биде осовременување на клучните патни артерии, односно на двата коридора 8 и 10, изјави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Рустеми во Тирана.

Но, Рустеми не одговори на прашањата на ММС зошто на некои делници има пауза во работата. На патниот правец Катланово-Петровец се одвива реконструкција и рехабилитација на делница долга неколку километри веќе една година, но зимоска изведувачот сопре со работата и ја спакува механизацијата. Од ЈПДП не кажаа зошто изведувачот прекина со работа, колку ќе трае прекинот и колку ќе чини ова доцнење.

Уште еден проблем е што никој не направил увид на местото каде што почнува реконструкцијата на делницата и да види дека е премногу искривена подлогата од тешките возила што може да ги загрози сите учесници во сообраќајот.

О.К./МИА

фото: МИА